Посмртни останки пронајдени уште во 1981 година во планините Санта Роса во Калифорнија конечно се идентификувани. Станува збор за Телма Џенет Гастон, 80-годишна милионерка од Лос Анџелес, чие исчезнување било пријавено истата година.
Иако измамникот Лоренс Ремсен уште во 1983 година бил осуден за нејзиното убиство, идентитетот на жртвата официјално е потврден дури сега, 45 години подоцна, со помош на напредна ДНК анализа.
Телма Гастон исчезнала од својот дом во Лос Анџелес на 28 јуни 1981 година. На влезната врата била оставена порака дека заминала да се грижи за болна мачка, но никогаш не се вратила.
Според тогашните медиумски извештаи, полицијата утврдила дека пораката ја напишал нејзиниот многу помлад љубовник Лоренс Ремсен, за да го прикрие злосторството. Во времето на убиството тој имал 40 години.
Идентитетот потврден по повеќе од четири децении
Шерифовата канцеларија на округот Риверсајд соопшти дека останките пронајдени на 28 ноември 1981 година официјално се идентификувани како останки на Телма Гастон.
Телото, закопано во плиток гроб и во напредна фаза на распаѓање, го пронашол собирач на дрва во планините Санта Роса, само неколку месеци по нејзиното исчезнување.
Во тоа време, технологијата не дозволувала сигурна идентификација. Истражителите дури во мај оваа година успеале да ги поврзат доказите преку ДНК анализа, генетичка генеалогија и стоматолошки податоци.
„На госпоѓа Гастон ѝ е вратено името, но и нејзината приказна“, порачаа од шерифовата канцеларија.
Милионерка, измамник и сомнеж за убиство поради имот
Телма Гастон била вдовица, а нејзиното богатство, според тогашните медиуми, се проценувало на околу 20 милиони долари. „Лос Анџелес тајмс“ пишувал дека се збогатила со купување недвижности на аукции.
На судењето, Ремсен тврдел дека бил нејзин помошник. Тој признал дека планирал да ја измами, но негирал дека ја убил.
Неговата верзија била дека го пронашол нејзиното тело во кујната и решил да ја искористи ситуацијата. Тврдeл дека телото го однел до плажа, го ставил во чамец на надувување, врзал тегови и го фрлил во океан.
Во меѓувреме, на другите им кажувал дека Гастон отпатувала и дека го овластила да управува со нејзиниот имот.
Лажни документи и обид да купи Mercedes-Benz
Обвинителството сметало дека Ремсен ја убил Гастон за да се домогне до нејзиниот имот.
Тој фалсификувал повеќе документи, а нејзините деловни партнери по исчезнувањето почнале да добиваат писма во кои се наведувало дека Ремсен е задолжен за нејзините финансии. Истрагата покажала дека писмата биле лажирани и заверени со украден печат.
Во еден момент, Ремсен се обидел на нејзино име да купи Mercedes-Benz вреден 100.000 долари.
„Мислев да земам колку што можам повеќе и да побегнам од земјата“, рекол Ремсен на судењето, според „Лос Анџелес тајмс“.
Токму обидот за купување на автомобилот предизвикал сомнеж, бидејќи Гастон не била позната како личност склона кон расфрлање пари. Еден банкар поради тоа ја известил полицијата.
Осуден на доживотен затвор
По исчезнувањето на Телма Гастон, Ремсен побегнал од својот дом. Бил уапсен во септември 1981 година додека се обидувал да ја премине границата со Мексико.
Во 1983 година бил осуден за убиство и уште 12 кривични дела, меѓу кои фалсификување, тешка кражба и обид за тешка кражба.
Судијата го осудил на доживотен затвор и го нарекол „неспособен никаквец“.
Ремсен денес ја издржува казната во државниот затвор Чино. Неговите барања за условно ослободување неколкупати биле одбиени, а следното сослушување е закажано за јули 2028 година.