Гостивар од понеделник, 27 јули, треба да добие техничка вода наместо целосна забрана, најавено е во владино соопштение. До објавувањето на веста, ниту Агенцијата за храна и ветеринарство, ниту Институтот за јавно здравје, ниту Министерството за здравство немаат објавено лабораториски резултати или официјален документ со кој се менува претходната забрана. Повеќе од 4.000 граѓани веќе побарале лекарска помош поради цревни симптоми.
За Гостивар е најавено дека од понеделник, 27 јули, ќе се воведе техничка вода наместо целосна забрана за користење на водоводната мрежа. До објавувањето на оваа информација, ниту Агенцијата за храна и ветеринарство, ниту Институтот за јавно здравје, ниту Центарот за јавно здравје во Тетово, ниту Министерството за здравство немаат објавено лабораториски резултати или официјален документ со кој се менува претходната забрана.
Владиното соопштение ја пренесува најавата без придружени анализи од новите мостри и без да наведе која институција утврдила дека условите за техничка употреба се исполнети. Дел од медиумите пренесоа дека „според надлежните“ техничка вода се очекува веќе утре, но не прецизираа кои надлежни органи го дале тоа мислење, ниту врз основа на какви резултати.
Во моментов трае хиперхлорирање на водоводната мрежа, во кое учествуваат и екипи на скопското ЈП „Водовод и канализација“. Техничката вода не е вода за пиење. Таа смее да се користи само за одредени хигиенски и домаќински потреби, и тоа откако надлежните институции формално ќе утврдат дека не претставува ризик. Политичка најава, без лабораториски наоди и без формален документ, не може да ја замени таа потврда.
Првите пациенти со стомачни тегоби во Гостиварско биле регистрирани на 14 јули. Забраната за користење на водата за пиење била воведена на 17 јули, а епидемијата официјално била прогласена на 19 јули. Оттогаш, бројот на граѓани што побарале лекарска помош надмина 4.000.
Најавата за 27 јули опфаќа само техничка, не и вода за пиење. Дури и ако снабдувањето со техничка вода почне утре, тоа не значи дека водата за пиење автоматски станува безбедна, ниту дека епидемиолошката ситуација е затворена. До институционална потврда со објавени резултати, жителите остануваат зависни од алтернативни извори за вода за пиење, а прашањето кога точно ќе следи официјален документ за укинување на забраната останува отворено.