Теглата мед во шкафот нема рок на траење, а причината не е во тоа што е сладок

Додека сите други намирници брзо се расипуваат под дејство на влагата и микроорганизмите, медот користи три природни штитови кои ги дехидрираат и уништуваат сите бактерии.

Медот е една од ретките намирници кои практично никогаш не се расипуваат. Причината за ова не е отсуството на вода, бидејќи тој содржи околу 18 проценти влага, туку фактот што бактериите едноставно не можат да ја искористат таа вода за својот развој.

За храната да се расипе, на неа мора да се развијат бактерии, габички или мувла кои ги разградуваат хранливите материи. Сите овие микроорганизми имаат потреба од достапна вода за да преживеат и да се размножуваат.

Во стручната наука, количината на достапна вода се мери преку параметри каде за повеќето бактерии е потребна вредност над 0,75. Кај медот, оваа вредност изнесува меѓу 0,5 и 0,6 бидејќи високата концентрација на шеќер цврсто ги ги врзува молекулите на водата за себе.

Поради оваа причина, доколку бактерија допре до медот, таа не може да се размножи, туку доживува спротивен ефект. Медот е толку концентриран што ја извлекува влагата од самата бактерија, предизвикувајќи нејзино сушење и уништување.

Покрај ниската достапност на влага, медот поседува уште две моќни заштити. Првата е неговата киселост, со pH вредност меѓу 3,4 и 4,5, што е слична на киселоста кај доматот и претставува неповолна средина за развој на микроорганизми.

Втората заштита ја создаваат самите пчели. Додека го претвораат нектарот во мед, тие додаваат посебен ензим кој произведува мали количини на водород пероксид — истата материја што се користи во медицината за дезинфекција.

Сепак, целата оваа природна заштита функционира само доколку медот остане сув. Доколку во теглата влезе дополнителна вода или влага од воздухот, бактериите добиваат услови за размножување и медот почнува да се расипува.

Поради тоа, медот никогаш не треба да се зема со влажна лажица и теглата мора да се чува добро затворена, со оглед на тоа што медот природно ја привлекува влагата од околината.

Појавата на кристали во медот не значи дека тој е расипан. Кристализацијата е природен процес на собирање на глукозата, при што медот ги задржува сите свои квалитети и може лесно да се омекне со благо загревање во топла вода.

Единствено важно предупредување е дека медот не треба да им се дава на деца помлади од една година. Во него можат да постојат спори кои се потполно безопасни за возрасните, но кај бебињата можат да предизвикаат сериозни здравствени компликации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс