На јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, театарот не остана само на сцената. По изведбите на „Амадеус“ на Турскиот театар и „Случајната смрт на еден анархист“ на Театарот од Штип, разговорите продолжија на тркалезните маси и на трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.
Во фокусот беше прашањето што значи храбар театар денес: дали тоа е само нова естетика и експеримент на сцената, или подготвеност театарот директно да влезе во дијалог со општеството, со неговите стравови, неправди, молчења и одговорности.
На тркалезната маса за претставата „Амадеус“, во режија на Андреј Цветановски, учествуваа режисерот и актерската екипа на Турскиот театар. Модераторот Звонко Димоски оцени дека претставата не се обидува насилно да го модернизира текстот на Питер Шефер, туку му верува на текстот, актерите, музиката и драмската ситуација. Токму затоа, според него, зависта, амбицијата и стравот од неуспех не остануваат во 18 век, туку звучат како дел од секоја епоха.

Режисерот Цветановски потсети дека уште во дипломската претстава се занимавал со ликот на Салиери, а по 15 години, со вистински ансамбл, успеал да ја отвори темата за односите меѓу Моцарт, таткото, Бог и Салиери.
„Секој од нас носи еден Салиери, само да не го пуштиме да дивее“, рече Цветановски.
Актерот Јеткин Сезаир, кој го игра Амадеус, зборуваше за физичката и емотивната тежина на ликот, додека Селпин Керим, во улогата на Салиери, посочи дека неговата болка ја гледа во конфликтот со себе, со Бог и со сопствената неможност да ја достигне генијалноста што ја препознава.
Посебен простор во разговорот добија и актерските релации, сценографијата, костимите и партнерството во ансамблот. Присутните студенти од ФДУ ја посочија претставата како пример за силен ансамбл и за театар што верува во актерската игра.
Штипскиот театар, пак, на фестивалот настапи со „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска. Претставата ја отвори темата за бирократијата, одговорноста, институционалната вистина и политичката фарса која, иако напишана пред повеќе од 50 години, продолжува да звучи современо.

Димоски оцени дека претставата не трча по дневнополитичка актуелност, туку прецизно внесува современи референци доволно за публиката да го препознае сопствениот свет, без да се уништи текстот на Дарио Фо. Сценскиот простор, со маси, досиеја, документи и архиви, создава свет во кој вистината не се открива, туку се произведува.
Актерот Ефтим Трајчев Ѓаурски рече дека претставата е директна, болна и комична на начин што ја тера публиката да реагира.
„Гледачите велат дека е комедија, но реагираат дека не е смешно и дека боли“, рече Ѓаурски, додавајќи дека ансамблот внимавал да не избега од суштината на Дарио Фо.
Милорад Ангелов, зборувајќи за потребата од ангажиран театар, посочи дека по Кочани е потребна поголема поддршка за театар што бара одговорност. Според него, сите театри треба да стојат зад слоганот на фестивалот и да бидат храбри.
Токму храброста беше и централна тема на трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“. Модераторката Кристина ја отвори дискусијата со прашањето што е поопасно за едно општество: конфликтот што произлегува од јавниот дијалог или удобноста на молкот и резигнацијата.

Професорката и теоретичарка Искра Гешоска нагласи дека театарот не е само естетски чин, туку активен чинител во заедницата. Според неа, театарот е уметност на пукнатините на молкот, простор во кој зборот престанува да се плаши од сопственото ехо.
Таа предупреди дека македонскиот институционален театар често ја симулира критичноста, зборувајќи за теми кои веќе се безбедни за зборување. Според Гешоска, тоа не е вистинска слобода, затоа што театарот треба да стои наспроти стравот и да отвора прашања што не се удобни.
Режисерката и професорка Зоја Бузалковска зборуваше за театарот како место на општествени промени. Таа потсети на свои проекти поврзани со малолетничка деликвенција, трговија со луѓе и бегалци, посочувајќи дека театарскиот јазик може толку да се доближи до животот што границата меѓу сцената и реалноста речиси исчезнува.
„Театарот мора да ризикува, да оди по тесна греда, да прави публиката, одвреме-навреме, да го задржи здивот“, рече Бузалковска.

Кристина Леловец, актерка и професорка на ФДУ, посочи дека институционалната сцена не се користи доволно, додека независната сцена допрва треба да се поврзе и да создаде посилен заеднички фронт. Според неа, независниот театар може да биде простор што ги реформира сцените, но и место за внатрешна еманципација.
Драмскиот писател Сашо Димоски нагласи дека институционалниот театар не може да се замисли без политичка димензија. Според него, хроничното отсуство на македонски авторски текстови е симптом на загубен театарски идентитет, а театарот мора да одговори на кризата за повторно да се обмисли себеси.
Во рамки на фестивалската програма денеска продолжуваат изведбите и придружните активности. Претставата „Носорози“ на Албанскиот театар од Скопје, според Ежен Јонеско и во режија на Васил Василев, ќе биде изведена во 19 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“. На полноќ ќе настапат студентите на ФДУ од Скопје, во копродукција со Албанскиот театар, со претставата „Невиност“, под водство на Зоја Бузалковска.
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, а токму разговорите во Прилеп покажуваат дека храброста не е само сценска форма. Таа е одлука театарот да не молчи кога општеството се навикнува на молк.