Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид во периодот јануари–април 2026 година опслужиле вкупно 1.202.828 патници. Во истиот период биле реализирани 8.123 летови, што претставува раст од 10,7 проценти во однос на минатата година. Од ТАВ Македонија велат дека овие бројки се резултат на зголемената мрежа на дестинации и подобрената поврзаност со европските градови.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека станува збор за силен и континуиран раст кој ги позиционира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во Европа и светот. Тој нагласи дека резултатите се постигнати преку заедничка работа со Владата и стратегија за проширување на авио-мрежата и привлекување нови авиокомпании.
Според најавите, оваа година се очекува отворање на вкупно 12 нови дестинации. Дел од нив веќе се активни, меѓу кои линиите од Скопје до Будимпешта и Неапол, како и од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт. Дополнително, се најавуваат нови летови од Скопје кон Трабзон, Самсун, Палермо и Алгеро.
Во летната сезона, од скопскиот аеродром оперираат 15 авиокомпании со летови до 54 редовни и сезонски дестинации, како и дополнителни чартер линии што ја зголемуваат вкупната понуда на 78 дестинации. Од охридскиот аеродром пак, осум авиокомпании опслужуваат 17 дестинации, а од јуни се воведуваат нови линии кон Вроцлав и Катовице, како и летовите на Austrian Airlines кон Виена.
Од ТАВ Македонија очекуваат позитивниот тренд да продолжи и во остатокот од годината, и покрај глобалните економски и геополитички предизвици.