Кога лани со синот застанала кај BMW ѕвоното на Скопскиот маратон, Тамара Николова зад себе имала уште еден истрчан полумаратон. Предизвикот од 42 километри дотогаш бил само желба, за која чекала вистинска можност. Пријавата на наградната игра на BMW ја однела во Берлин, а една година подоцна повторно се фотографирала кај истото ѕвоно, овојпат со искуството од својот прв завршен маратон.
Тамара има 35 години, мајка е на петгодишно момче и е софтверски инженер, а моментално работи како тестер на софтвер. Трчањето е дел од нејзиниот живот уште од детството. Во разговор за Трн раскажува за првите медали, подготовките што ги нарушила болката во коленото и моментот кога, пред Бранденбуршката порта, сфатила дека ќе успее.
„Првите чекори ги направив на училишните крос-трки и ноќните трки што се организираа за празникот на градот, а речиси секоја од нив ја завршував на пиедесталот. И ден-денес ги чувам моите први освоени медали и сум неизмерно горда на нив. Тоа чувство на радост и гордост ме обележа и стана искрата што ме води до денес. Сега трчам рекреативно и секоја слободна прилика ја користам за трчање, а особено викендите, кога трчањето е мојот начин да се наполнам со енергија.“
Пријавата што ја однесе во Берлин
Одлуката да се обиде со цел маратон созревала постепено. По години поминати на пократки дистанци, Тамара почувствувала дека сака да ја помести сопствената граница. Средбата со BMW штандот на ланскиот Скопски маратон дошла токму во тој период.
„Со години полумаратонот беше мојата граница и искрено верував дека подалеку од тоа нема да одам. Но минатата година нешто во мене се промени. Почувствував дека сум подготвена за поголем предизвик и си реков: ако некогаш се појави шанса да трчам маратон на место што навистина ме инспирира, ќе ја прифатам. Таа мисла ја носев со себе, ја замислував, буквално ја манифестирав. И изгледа дека универзумот ме слушнал, бидејќи шансата дојде многу побрзо отколку што можев да замислам.“
За наградната игра дознала додека со синот шетале по плоштадот по завршувањето на трката. Ѕвоното им го привлекло вниманието, а пријавувањето било спонтано, без очекување дека токму таа ќе ја добие можноста за Берлин.
„Не можевме да одолееме а да не заѕвониме на нивното ѕвоно, и токму тогаш дознав за наградната игра за учество на Берлинскиот маратон. Никогаш претходно не сум се пријавувала на ваков тип натпревари, но овој пат нешто ме повлече и се пријавив, без да очекувам многу. Кога ја добив веста дека сум добитничката, едноставно не можев да поверувам. Да трчам на еден од најпрестижните маратони во светот, и тоа во Берлин, беше остварување на сон што самата си го посакав и кој се оствари. Затоа сум бескрајно благодарна на BMW што ми ја дадоа можноста да го остварам мојот сон.“

Коленото ги нарушило подготовките
Три месеци пред трката, Тамара почнала со сериозен тренинг. Планот брзо се соочил со проблем: уште на вториот тренинг се појавила болка во коленото, која дотогаш не ја почувствувала. Наместо постепено зголемување на километражата, следувале прекини и паузи, а најдолгата дистанца што успеала да ја истрча во подготовките била 18 километри.
„Тоа беше период исполнет со сомнежи. Од една страна, не сакав да се откажам од можност што се добива еднаш во животот. Од друга страна, не знаев дали воопшто ќе можам да трчам, а камоли да ја надминам мојата граница од 21 километар. Со подолги паузи, консултации со спортски доктор и соодветна физикална терапија, се борев да ја зачувам кондицијата, но кратките тренинзи беа далеку од она што го бара еден маратон, и тоа ми тежеше многу. Сепак, донесов одлука: ќе дадам сè од себе и ќе застанам на стартната линија, за да си докажам дека можам.“
Поддршката на патеката и кризата по 30. километар
Во Берлин ја пречекала атмосфера што ја памети со ист интензитет како и самата трка. Возбудата пред стартот, тркачите од целиот свет и публиката долж трасата биле дел од искуството за кое вели дека тешко се опишува. Од сите слики, најсилно ѝ останале последните метри и средбата со синот.
„Штом трката започна, целиот Берлин излезе на улиците. Поддршката долж целата траса беше огромна, луѓето навиваа, викаа, свиреа, и атмосферата беше таква што секој километар се чувствуваше како да е целта. Сепак, сликата што засекогаш ќе ми остане врежана е Бранденбуршката порта, која се појави пред мене 400 метри пред целта. Во тој миг сфатив дека сум успеала. А она што ќе го носам во срцето засекогаш е насмевката на мојот син, кој беше пресреќен кога ме виде.“
До тој момент имало и тешки километри. Коленото издржало, но по 30. километар се појавиле грчеви поради кои морала да застанува. Трката ја трчала заедно со свој другар и колега, чија помош во тие моменти ѝ била особено важна.
„Тој ми помогна да се истегнам, ме бодреше и ме поттикна да продолжиме. Без неговата поддршка, тие километри ќе беа многу потешки. Ме преплави огромна гордост, затоа што успеав и покрај сите пречки во подготовките и сите црни сценарија што со месеци ми се вртеа во главата. Со оглед на околностите, имав само една цел, да стигнам до целта, а времето воопшто не ми беше во фокусот. На крајот, маратонот го завршивме за 4 часа и 15 минути.“

Една недела подоцна, медал и во Скопје
Враќањето на Скопскиот маратон дошло само една недела по Берлин. Тамара овојпат избрала пократка дистанца во штафета со пријателите, а настапот им донел трето место. По трката повторно се нашла кај BMW ѕвоното, каде што почнала приказната за нејзиниот прв маратон.
„Знаев дека дури и полумаратон би бил премногу за моето тело, кое сè уште се опоравуваше. Затоа, за првпат решив да се пробам во штафета, заедно со моите пријатели. Се покажа дека тоа беше вистинската одлука, бидејќи освоивме трето место! По трката, повторно нè дочека BMW ѕвоното, исто како пред една година, кога сè започна. Тој момент ми разбуди прекрасни емоции, гордост за целиот тим, но и за себеси и патот што го поминав.“

Сезоната планира да ја заврши со уште неколку пократки трки. Во секојдневието останува верна на утринското трчање пред работа, сè додека времето го дозволува тоа. По Берлин, на оние што размислуваат за својот прв маратон им порачува да си дадат можност да се обидат.
„Не чекај совршен момент, затоа што тој можеби никогаш нема да дојде. Мојот пат до Берлин беше полн со болки, сомнежи и подготовки што не одеа според планот, а сепак ја поминав целта. А кога ќе ја поминеш целта, ќе сфатиш дека си способен за многу повеќе отколку што некогаш си мислел.“
