Голема промена во Србија: РТС првпат во живо пренесуваше 16 минути молк во Нови Сад

Десетици илјади граѓани им оддадоа почит на 16-те жртви од уривањето на настрешницата на железничката станица. Овогодишната комеморација се одржа во поинакви политички околности, по изборниот пораз на листата на Александар Вучиќ.

Десетици илјади граѓани денеска се собраа во Нови Сад за да им оддадат почит на 16-те лица што загинаа при уривањето на настрешницата на железничката станица пред точно две години. Во 11:52 часот, во времето кога се случи несреќата на 1 ноември 2024 година, започнаа 16 минути молк.

Комеморацијата годинава имаше и еден значаен медиумски момент: српските јавни сервиси РТС и Радио-телевизија Војводина (РТВ) првпат директно го пренесуваа молкот. За време на секоја минута во воздух беше пуштан балон во форма на срце со името на една од жртвите. По комеморацијата следуваа говори и настап на хор, а граѓаните оставаа цвеќе и палеа свеќи на местото на трагедијата.

„Тоа не беше несреќа. Тоа е убиство“

На комеморацијата беше испратена порака дека уривањето на настрешницата не треба да се третира како несреќен случај, туку дека мора да има одговорност за загубените животи.

„Незаборавна трагедија“, говореа многумина. Но, тоа не е соодветен збор за она што се случи. Трагедијата опишува несреќа, случаен настан, а зад тој збор лесно може да се скрие она што сите го бараме – одговорност“, беше порачано на собирот, пренесува порталот „021“.

„Настанот што сите нè потресе до срж не е трагедија, несреќа или случајност. Тоа е убиство, а тоа бара виновник, одговорност и правда. Кога одговорноста изостана, решивме да го кренеме гласот. Најнапред со молк“, порачаа учесниците на комеморацијата.

Организаторите најавија дека секоја година на 1 ноември, во 11:52 часот, граѓаните ќе се собираат во градовите низ Србија за да им оддадат почит на загинатите. Најавија и дека ќе продолжат да бараат одговорност за нивната смрт и да се залагаат за општество во кое луѓето нема да гинат поради корупција.

Студентите повикаа на комеморација без политички обележја

Комеморацијата ја организираа студентите, кои ги повикаа граѓаните да не носат партиски и политички обележја, знамиња или транспаренти. Целта беше годишнината да помине во тишина и достоинствено одбележување, со фокус врз сеќавањето на загинатите.

Собирот се одржа во поинакви политички околности од минатогодишниот. Студентското движење, кое се појави по трагедијата и речиси две години ги предводеше протестите против корупцијата, на предвремените парламентарни избори на 25 октомври освои најмногу гласови.

Според прелиминарните резултати на Републичката изборна комисија, студентската листа освоила 52,71 отсто од гласовите и 140 пратенички мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ добила 39,17 отсто и 104 мандати. Изборниот процес и натаму треба да се следи до објавувањето на конечните резултати.

РТС и РТВ првпат во живо ги пренесуваа 16-те минути молк

Особено внимание привлече одлуката на јавните телевизиски сервиси РТС и РТВ за првпат директно да ги пренесуваат 16-те минути молк за жртвите. Медиумите во Војводина ја посочуваат оваа одлука како промена во однос на претходните години, кога државните медиуми беа изложени на критики поради начинот на кој известуваа за студентските протести и барањата на граѓаните.

Директниот пренос на комеморацијата доаѓа само една недела по парламентарните избори на кои студентската листа освои парламентарно мнозинство според прелиминарните резултати. Таа политичка сила произлезе токму од протестите по трагедијата во Нови Сад.

Две години подоцна, судењето за смртта на 16 лица сè уште не почнало

Бетонската настрешница на реконструираната железничка станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 година, во 11:52 часот. На самото место загинаа 14 лица, а уште две подоцна им подлегнаа на тешките повреди. Едно лице го преживеа уривањето со тешки телесни повреди. Трагедијата го предизвика најголемиот бран студентски блокади и граѓански протести во поновата историја на Србија.


Иако по несреќата беа покренати истраги и кривични постапки, а обвиненијата беа менувани и дополнувани, судењето за смртта на 16-те лица сè уште не почнало. Судот досега нема донесено одлука за кривичната одговорност за уривањето на настрешницата. Две години по трагедијата, барањето за утврдување одговорност и правда за загинатите останува во центарот на јавните собири.

е-Трн да боцка во твојот инбокс