Тамара Тодевска настапи во впечатлива црвена креација на Alex Fox и BlackBello, специјално дизајнирана за големата сцена и за одбележувањето на 35 години независна Македонија. Раскошниот фустан со скулптурални, волуменозни ракави и драматични драпирани детали создава силуета која се движи заедно со пејачката и ја следи секоја нејзина емоција и енергија на сцената.
Црвената боја не е случаен избор. Како една од боите на македонското знаме, таа ја носи симболиката на посебната вечер, сила, страст, енергија и гордост. Креацијата блесна под сценските светла, во совршен спој со силниот сценски настап на Тамара.
За идејата зад креацијата и изборот на македонски дизајн зборува Александра Филипова, моден дизајнер, креативен директор и основач на „BlackBello“, која смета дека поддршката на домашната креативна сцена е еден од начините на кои се покажува љубовта кон земјата.
„Сметам дека Македонија е толку многу мала, што може да се сака вистински само со поддршка на едни со други, со создавање и слушање на македонската музика, создавање и носење на македонски брендови. И мислам дека е супер порака за сите Македонци.“
Токму затоа, црвената креација не беше само сценски костим, туку и дел од пошироката порака за поддршка на македонската музика, мода и домашните брендови. Настапот на Тамара и креацијата на Alex Fox и BlackBello ја споија музиката и модата во визуелна приказна.