Активисти за човекови права предупредуваат дека новиот закон донесен од талибанските власти во Авганистан дополнително ги загрозува правата на жените и девојчињата. Според нив, новите правила практично ги легитимираат детските бракови и значително ја ограничуваат можноста жените да побараат развод.
Во Авганистан нема официјална забрана за малолетнички бракови, а активистите тврдат дека бројот на присилни и рани бракови драстично се зголемил по забраната за образование на девојчињата над 11 години. Неофицијални проценки покажуваат дека голем дел од девојчињата биле принудени на брак уште пред да наполнат 18 години.
Новиот закон за развод, усвоен минатата недела, предвидува дека жена која стапила во брак против своја волја тешко ќе може да добие развод доколку сопругот не се согласи. Исто така, законот сугерира дека отсуството на сопругот или недавањето финансиска поддршка не се доволна причина за развод.
Во Кабул беа организирани протести против новите мерки, а повеќе организации за женски права ги осудија законите како форма на системско насилство врз жените и децата. Активистката Фатима изјави дека талибанците се обидуваат институционално да ги вградат детските бракови во правниот систем.
Загриженост изрази и Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан, од каде порачаа дека законот претставува уште еден чекор кон уривање на правата на авганистанските жени и девојчиња. Според нив, со ваквите одлуки дополнително се зацврстува системската дискриминација.
Талибанските власти ги отфрлија критиките, наведувајќи дека не треба да се обрнува внимание на протестите и реакциите од меѓународната јавност.
Истражувањата на организациите за човекови права покажуваат дека голем број жртви на детски бракови се соочуваат со семејно насилство и сериозни психолошки последици. Неодамна, 15-годишно девојче од централниот дел на Авганистан починало по повеќемесечно насилство од сопругот, што повторно ја отвори дебатата за положбата на жените под талибанскиот режим.