„Не сте свесни колку сме бесни“ – институциите добија две недели да одговорат на барањата против фемицидот

Со истурена земја пред Министерството за внатрешни работи, која симболично претставуваше гроб во спомен на жртвите на семејно насилство и фемицид, вечерва заврши протестниот марш „Ниту една повеќе“ во Скопје.

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, граѓаните излегоа на улиците со пораки за институционална одговорност, ефикасна заштита и општество во кое ниту една жена нема да го загуби животот поради родово базирано насилство.

„Не е љубов ако те убива“, „Не е трагедија, фемицид е“, „Не сте свесни колку сме бесни“ и „Тука сме и за вашите ќерки, сестри, жени, мајки“ – беа пораките испишани на транспарентите што учесниците ги носеа низ скопските улици.

Зад овие пораки стојат гневот поради изгубените женски животи, стравот за безбедноста на жените и барањето институциите да реагираат навреме, пред насилството да заврши со уште еден одземен живот.

Земја пред МВР како потсетник на изгубените животи

Протестниот марш започна во паркот „Жена-борец“, продолжи низ центарот на Скопје и заврши пред седиштето на Министерството за внатрешни работи.

Таму, со истурање земја, учесниците направија импровизиран гроб во спомен на жените кои ги загубија животите како жртви на насилство.

Симболичниот чин беше порака до институциите дека зад секој регистриран случај на фемицид стои одземен човечки живот, семејство кое загубило близок и прашањето дали убиството можело да биде спречено.

Учесниците побараа конкретни мерки за превенција на насилството, ефикасна институционална заштита и построго законско санкционирање на фемицидот.

За две недели повторно на улица

Вечерашниот протест не е крај на граѓанскиот притисок. Организаторите најавија нов протест за две недели, кога истекува рокот што им го поставија на институциите за исполнување на нивните барања.

Пораката на демонстрантите е дека борбата против насилството врз жените не смее да се сведува на одбележување меѓународни денови, декларативни заложби и реакции откако веќе е изгубен човечки живот.

Безбедноста на жените не е приватно прашање, ниту насилството е семејна работа. Тоа е општествен проблем за кој институциите имаат обврска да обезбедат превенција, заштита и правда.


„Не се откажуваме, ниту една повеќе“ – со оваа порака учесниците го завршија вечерашниот протест, најавувајќи дека повторно ќе излезат на улиците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс