„Така пишуваше Илинка“: „МакеДокс“ со омаж за Илинденка Петрушева – жената која ја чуваше меморијата на македонскиот филм

На „МакеДокс“ беше одржан разговор во спомен на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, со сведоштва за нејзината посветеност на филмот, филмската критика, аматерското кино и „Кинопис“.

Специјален настан посветен на Илинденка Петрушева (1944-2025), една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, се одржа денес во скоп на МакеДокс , во Сули ан, со наслов „Така пишуваше Илинка“.

Во нејзин спомен се одржа разговор со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело: Влатко Галевски, филмски критичар и модератор на разговорот; Саша Дукоски, доктор на правни науки, редовен професор и киноаматер; Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“ при Кинотеката на Република Македонија; и Русе Арсов, продуцент и програмски раководител на драмската програма при МКЦ.

Модераторот Влатко Галевски е автор и на текстот во каталогот на „МакеДокс“ со кој се дава посвета на филмолошката работа на Петрушева. „Илинка пишуваше со доверба во филмот како сложен уметнички јазик. Нејзините текстови ја откриваат внатрешната логика на делото и ги промовираат добрата мисла и аргументацијата. Таа ги истражуваше слоевите на филмот, ги артикулираше значењата и создаваше водичи што продолжуваат да важат и денес, како активни инструменти за разбирање и паметење на филмската уметност“, напиша Галевски во текстот за каталогот.

На настанот во Сули ан, Галевски го почна разговорот со своја лична констатација дека почитува четири македонски филмски творци, а тоа се режисерот Кирил Ценевски за филмот како уметност, Стефан Сидовски – Сидо за филмот како опсесија, Георги Василевски за филмот како теорија и Илинденка Петрушева за филмот како љубовна радост.

„Благодарение на Илинка, историјата на македонскиот филм е спасена од заборав. Таа ја читаше и ја откриваше, практично ја создаваше – секој документ, секој запис, секоја анализа беше дел од еден жив процес на зачувување и артикулирање на културното наследство. Текстовите што ги остави зад себе претставуваат промислени записи со долгорочна важност – записи што ја чуваат меморијата на филмот и ја артикулираат неговата смисла. Во тој процес, Илинка дејствуваше како архитект на архивската мисла, со свест дека архивата е жив систем на значења, кој обезбедува трајни ориентири за идните читатели и истражувачи“, напиша Галевски.

За односот на Илинденка Петрушева кон непрофесионалниот филм зборуваше д-р Саша Дукоски, кој истакна дека таа беше великан кој неколку генерации филмофили ги издигнала од филмски аматери во луѓе кои вистински го сакаат филмот. Тој кажа дека со Илинка службено се запознал во 1998 година, кога учествувал на Фестивалот на непрофесионален филм во Битола. Од основањето на Фестивалот во организација на Киносојузот на Македонија до сега биле селектирани околу 2.000 аматерски филмови. Во сите комисии за селекција на филмовите учествувала Петрушева и преку тоа се гледа нејзиното влијание во развојот на аматерскиот филм во Македонија.

За создавањето и публикувањето на единственото специјализирано списание за филм и филмска култура „Кинопис“ зборуваше Петар Волнаровски, кој ја наследи Илинка на позицијата уредник на списанието. Заради професионалноста и прецизноста со која Илинка им пристапувала на пишувањето на филмолошките текстови и филмските рецензии Волнаровски рече дека сите ја нарекувале „учителката“, а самиот тој ја сметал за „втора мајка“. Во професионалната комуникација секогаш имало и чувство на фамилијарност, што соработката ја правело уште подлабока и посуштинска. Тој истакна дека формулата по која Илинка го уредувала „Кинопис“ целосно функционира и по нејзиното заминување, а нормите, критериумите и вредностите што таа ги востановила од создавањето на списанието се почитуваат и денес.

За другарството и духовитоста во соработката со Илинка зборуваше Русе Арсов од МКЦ. Тој потсети дека Илинка била првиот уредник на филмска програма во некогашниот Дом на млади „25 Мај“ (денес МКЦ) и дека успеала програмата „Синеастички вечери“ да ја донесе како редовна активност на Домот. Спомна дека и во тоа време имало „политички апаратчици“ кои одлучувале за работата на културните установи, и така згаснале вечерите посветени на филмот. Но, најважните лекции што тој ги научил од Илинка се поврзани со другарството и посака сите да имаат барем по еден таков другар и репер во животот.

На филмскиот критичар Влатко Галевски на крајот од разговорот му беше врачена Награда на „МакеДокс“ за особен придонес во филмската уметност. Првпат наградата ѝ беше врачена на Илинденка Петрушева во 2024 година, а во 2025 година наградата на „МакеДокс“ ја доби познатиот сликар и автор на документарни филмови Киро Урдин.

Разговорот за Илинка на крајот беше проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на официјалниот сајт: https://makedox.mk/mk/program/

Дополнителни фотографии со настаните на 17. „МакеДокс“ може да се најдат на Фејсбук-профилот: https://www.facebook.com/makedox.mk/photos

Фестивалот „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Шпанија, Италијанска амбасада, Слoвенечкиот филмски центар, Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, Едукативен културен центар „Лабораториум“, Албански театар – Скопје, Хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 17. „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк, Медуза, Екран.мк и Паноптикум.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс