Секоја четврта германска компанија стравува дека ја губи конкурентноста надвор од ЕУ

Секоја четврта германска компанија стравува дека ја губи конкурентноста надвор од ЕУ, а најголеми проблеми имаат автомобилската, хемиската и машинската индустрија.

Дури 25,4 отсто од германските компании стравуваат дека ќе ја загубат конкурентноста на пазарите надвор од Европската унија, покажува извештај на Институтот за економски истражувања „Ифо“ од Минхен.

Дополнително, 17 отсто од компаниите сметаат дека конкурентската позиција на германските индустриски производи се влошува и на европскиот пазар.

„Германската индустрија сè уште не успева да го врати изгубениот терен на меѓународните пазари“, оценува Клаус Волрабе од „Ифо“.

За споредба, само 5,2 отсто од германските компании сметаат дека нивната конкурентност надвор од ЕУ се подобрила, додека во рамките на европскиот пазар тој удел е 6,3 отсто.

Најтешка е состојбата во автомобилската индустрија, каде што дури 43 отсто од компаниите пријавуваат влошување на конкурентската позиција надвор од ЕУ.

Следуваат производството и преработката на метали со 29,1 отсто, хемиската индустрија со 26 отсто и машинската индустрија со 25,5 отсто.

Проблеми има и во рамките на единствениот европски пазар. Влошување на конкурентноста пријавуваат 24,8 отсто од компаниите во автомобилската индустрија и 22,1 отсто од хемиската индустрија.

Според „Ифо“, проблемите со кои се соочува германската индустрија имаат структурен карактер, што значи дека краткорочното економско закрепнување нема да биде доволно за да се промени состојбата.

Единствениот позитивен исклучок е германската индустрија за производство на пијалаци, која успеала да ја подобри конкурентската позиција и на пазарот на ЕУ и надвор од Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс