Тајван пресече шверцерски синџир: Напредни AI чипови оделе за Кина

Обвинети се девет лица, меѓу кои и вработени во гигантите „Нвидија“ и „Супер Мајкро“, за заобиколување на строгите ембарга.
Фото: EdTech Stanford University School of Medicine/Flickr

Обвинителството во тајванскиот пристанишен град Килунг поднесе обвинение против девет лица поради илегален извоз на сервери за вештачка интелигенција во Кина. Меѓу осомничените се наоѓаат и вработени во американските технолошки гиганти „Нвидија“ и „Супер Мајкро“. Истрагата утврди дека групата свесно ги заобиколувала строгите меѓународни извозни контроли за да оствари огромна материјална корист.

Според наводите на тајванското обвинителство, обвинетите формирале организирана мрежа на различни нивоа за да овозможат испорака на врвна технологија до кинески купувачи. Тие биле целосно свесни за строгите внатрешни протоколи и безбедносни контроли што „Нвидија“ и „Супер Мајкро“ ги применуваат за следење на своите производи.

Властите наведуваат дека со ваквиот шверц директно се зголемени трошоците за усогласеност на целата индустрија и му е нанесена сериозна штета на меѓународниот углед на Тајван. Двете компании засега не одговорија на барањата за официјален коментар.

Соединетите Американски Држави во 2022 година воведоа сеопфатна забрана за извоз на напредни полупроводници и AI опрема во Кина. Целта на овие мерки е да се забави развојот на кинеската воена и технолошка моќ.

Како светски центар за производство на најнапредните микрочипови, Тајван се најде под силен притисок да ги заштити своите фабрики и синџири на снабдување. Официјален Тајпеј последниве години значително ја засили граничната и царинската контрола за да го спречи трансферот на критично технолошко знаење кон Пекинг, кој го смета островот за своја територија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс