САД склучиле тајни договори со 35 држави за прифаќање депортирани странци

Вашингтон платил 410 милиони долари на трети земји за да примат десетици илјади мигранти кои немаат никаква врска со нив.
Фото: U.S. Customs and Border Protection photo by Jerry Glaser. Original public domain image from Flickr

Американската влада депортирала над 25.000 луѓе во трети земји врз основа на тајни договори склучени со 35 држави, открива меѓународна новинарска истрага предводена од мрежата „Форбиден сторис“ (Forbidden Stories). Договорите овозможуваат странци кои САД не можат законски да ги вратат во матичните држави да бидат испратени во Латинска Америка, Африка и Пацификот, често со сериозни притисоци од Вашингтон.

Според податоците од истрагата, во која учествуваа 72 новинари од 23 медиуми, Белата куќа издвоила најмалку 410 милиони долари за исплати кон земјите домаќини и агенциите на ОН. Парите служат како надомест за преземање на луѓето кои американските судови не успеале да ги вратат во нивните земји на потекло.

Договорите се склучувани дискретно. До крајот на август префрлени се вкупно 25.447 лица во 28 држави, при што најголемиот товар падна врз Мексико, каде што завршија околу 20.000 луѓе. Останатите се распрснати на други континенти, под услови што се разликуваат според националноста и криминалното досие.

Африканскиот континент бил под посебен фокус на дипломатите на Доналд Трамп. Вашингтон контактирал дури 49 од вкупно 54 африкански држави со барање да прифатат странски државјани. За да изнуди согласност, американската администрација користела отворени уцени: закани со царини, запирање на визите за нивните граѓани и кратење на финансиската помош.

Правните експерти предупредуваат дека луѓето депортирани на овој начин запаѓаат во целосен правен вакуум. Земјите во кои пристигнуваат често немаат капацитет, ниту правна обврска да им обезбедат статус, работа или заштита од прогон.

За разлика од стандардните меѓународни протоколи каде лицата се враќаат дома, овде станува збор за преместување на луѓе во средини со кои немаат јазична, семејна или културна поврзаност. Праксата на префрлање мигрантски товар врз посиромашни држави преку финансиски трансакции ги заобиколува вообичаените меѓународни механизми за заштита на азилантите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс