Пратениците на американскиот претседател Доналд Трамп, бизнисменот Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер, одржале тајни консултации со водечки американски нуклеарни експерти во националната лабораторија Оук Риџ во сојузната држава Тенеси, објави порталот Axios. Средбата се смета за јасен сигнал дека Белата куќа интензивно работи на постигнување меморандум за разбирање со Иран, кој би можел да доведе до прекин на конфликтот и отворање на сеопфатни нуклеарни преговори.
Според американски претставници, преговорите се наоѓаат во завршна фаза, но сè уште не е извесно дали ќе биде постигнат конечен договор.
„Овој состанок не значи дека договорот е веќе постигнат, но покажува дека разговорите се навлезени во многу сериозна фаза. Постојат реални шанси процесот да заврши успешно и затоа сакаме да бидеме подготвени“, изјавил американски функционер за Axios.
Тајна операција во Тенеси
Посетата се одвивала далеку од очите на јавноста. Според извештаите, Виткоф и Кушнер ги посетиле строго обезбедуваните капацитети на американското Министерство за енергетика во Оук Риџ.
Токму таму работат некои од водечките американски експерти за збогатување ураниум и центрифужни технологии. Лабораторијата има долга историја во справување со запленети нуклеарни материјали од различни кризни жаришта низ светот. Според американски извори, формиран е специјален тим од околу 100 експерти кој ќе биде подготвен веднаш да се вклучи во спроведувањето на евентуален договор со Иран.
Што предвидува меморандумот?
Според информациите, минатата недела американските и иранските преговарачи начелно се согласиле за 60-дневен меморандум што би предвидувал: продолжување на примирјето, повторно отворање на Ормускиот Теснец за меѓународниот бродски сообраќај, можност Иран непречено да извезува нафта, почеток на формални преговори за иранските резерви на збогатен ураниум и ограничувањата на нуклеарната програма.
Сепак, претседателот Трамп побарал дополнителни измени во документот, по што и Техеран најавил свои корекции.
Спор околу роковите и замрзнатите средства
Една од главните точки на несогласување е рокот во кој Иран треба да го намали нивото на збогатување на ураниумот. Вашингтон бара тоа да биде завршено во рок од 60 дена по потпишувањето на конечниот договор, додека Техеран инсистира на рок од 90 дена. Дополнителен проблем претставуваат милијардите долари ирански средства кои се замрзнати во странство.
Американската страна смета дека средствата треба да бидат ослободени дури по потпишување на конечен договор и преземање конкретни чекори од страна на Иран. Техеран, пак, бара дел од парите да бидат деблокирани веднаш.
Советник на иранскиот врховен лидер за CNN изјавил дека токму ова прашање моментално ги блокира преговорите.
„Топката сега е на теренот на Трамп“, порача тој.
Подготовки за можен историски договор
Доколку разговорите напредуваат, тимот експерти од Оук Риџ ќе има задача да подготви детален план за отстранување или уништување на иранскиот нуклеарен материјал, ограничување на програмата за збогатување ураниум и воспоставување механизми за меѓународна контрола. Американските власти нагласуваат дека станува збор за најискусните нуклеарни експерти во земјата, од кои дел веќе учествувале во операции за отстранување на чувствителни нуклеарни материјали од други држави.
Иако од Вашингтон доаѓаат сигнали за умерен оптимизам, американските претставници веруваат дека во иранското раководство сè уште постојат сериозни поделби околу тоа дали и под кои услови треба да се постигне договор со САД.