Контроверзната одлука на ФИФА привремено да му ја укине суспензијата на американскиот напаѓач Фоларин Балогун продолжува да предизвикува реакции, а нови детали отвораат дополнителни прашања за начинот на кој била донесена одлуката.
Според пишувањето на „Тајмс“, кое го пренесува „Њујорк пост“, претседателот на Дисциплинската комисија на ФИФА, Мохамед Ал Камали од Обединетите Арапски Емирати, одлучил самостојно да ја промени казната, без да побара мислење од останатите 17 членови на комисијата. Откритието дополнително го зголеми незадоволството кај дел од репрезентациите и навивачите, кои бараат објаснување за критериумите според кои била донесена одлуката.
Кој е Мохамед Ал Камали?
Ал Камали е адвокат од Обединетите Арапски Емирати со долгогодишно искуство во спортските организации. Во текот на кариерата извршувал повеќе функции, меѓу кои: член на Етичката комисија на ФИФА, еден од основачите на Професионалната фудбалска лига на ОАЕ, генерален секретар на Националниот олимписки комитет на ОАЕ и член на различни азиски и светски спортски тела.
Што се случи со Балогун?
Фоларин Балогун беше еден од најдобрите играчи на американската репрезентација на Светското првенство 2026. Напаѓачот доби црвен картон во победата на САД против Босна и Херцеговина (4:1) во шеснаесетфиналето, по прекршок врз Тарик Мухаремовиќ.
Според правилата, црвениот картон автоматски значеше суспензија за следниот натпревар – осминафиналето против Белгија. Токму Ал Камали првично му изрече суспензија од еден натпревар, но потоа ја одложи казната на условен период од една година, со што му овозможи на Балогун да настапи против Белгија.
Иако Балогун не успеа значително да влијае врз натпреварот, кој САД го загубија со 4:1, самата одлука предизвика бура од реакции.
Во случајот се споменува и Доналд Трамп
Контроверзата дополнително се засили откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно кажа дека разговарал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за црвениот картон на Балогун. Трамп изјави дека побарал од Инфантино да ја разгледа ситуацијата, но дека „не му кажал што треба да направи“.
Инфантино подоцна потврди дека добил повик од американскиот претседател.
„Редовно разговарам за прашања поврзани со Светското првенство со претседателот на САД, како и со други светски лидери, владини претставници и спортски личности“, изјави Инфантино.
Тој нагласи дека му објаснил на Трамп дека случајот е дел од независен правен процес во рамките на ФИФА.
Инфантино се соочува со етичка пријава
Поради случајот со Балогун и можната политичка интервенција, Инфантино се соочува со етичка пријава. Во меѓувреме, Ал Камали одби да одговори на прашањата на новинарите на Би-Би-Си, додека ФИФА сè уште официјално не го коментираше написот на „Тајмс“.
Случајот со Балогун стана уште една контроверза што го следи Светското првенство 2026, по низа спорни судиски и ВАР-одлуки кои предизвикаа реакции кај репрезентациите и јавноста.