Тајланд привремено го суспендираше издавањето нови дозволи за купување огнено оружје, по смртоносното пукање во училиште што повторно го отвори прашањето за контролата на оружјето во земјата. Одлуката ја соопшти премиерот Анутин Чарнвиракул, кој најави и преиспитување на сите постојни дозволи.
Мерката следува по нападот во кој 14 годишен ученик усмрти девет лица. Случајот предизвика силни реакции во земјата и дополнителен притисок врз властите да ги заострат правилата за поседување и пристап до огнено оружје.
Премиерот порача дека покрај привременото запирање на новите дозволи, неопходно е да се направи целосна проверка на системот за издавање оружни дозволи. Владата најави и построги мерки против нелегалното оружје и можни измени на постојните прописи.
Особено внимание се посветува на начинот на кој оружјето се чува во домовите и на тоа кој има пристап до него. Нападот повторно ја наметна потребата од подобра контрола на оружјето што се наоѓа во приватна сопственост.
Тајланд има релативно строги правила за легално поседување оружје, но во земјата циркулира и значителен број нерегистрирано оружје. Претходните случаи на вооружено насилство веќе доведоа до привремени ограничувања и најави за реформи во системот.
По нападот, властите најавија и дополнителни мерки со кои треба да се подобри евиденцијата на огненото оружје, да се заостри контролата врз трговијата и да се зголемат казните за прекршувања.
Ова не е првпат Тајланд да воведе ограничувања по вооружен напад. По пукањето во трговскиот центар Сиам Парагон во Бангкок во 2023 година, кога 14 годишно момче употреби преправено оружје, властите исто така најавија серија мерки за ограничување на пристапот до оружје и муниција.
Сегашната одлука доаѓа во момент кога во земјата повторно се отвора дебата за тоа како да се спречи оружјето да стигне до лица кои претставуваат ризик за себе или за другите.
Владата сега треба да ги разгледа постојните дозволи и начинот на кој се спроведуваат проверките пред нивното издавање, додека новите барања за купување оружје се привремено стопирани.