Таблетите за машина за садови повеќето од нас ги поврзуваат со миење чинии, чаши и прибор за јадење, но нивната употреба не мора да заврши во кујната. Според експертите за чистење, една таблета за садови може да помогне и при отстранување на тврдокорните наслаги во бањата, од бигорот на тушот до трагите од сапун на лавабото. Меѓу осумте начини на употреба што ги издвојуваат експертите е и чистењето на тоалетната школка.
Тајната е во нивниот состав. Таблетите содржат површински активни материи, ензими, средства за белење и алкални соединенија, кои помагаат во разградувањето на маснотиите, органската нечистотија и наслагите. Кога таблетата ќе се раствори во вода, се ослободуваат состојки што ја отстрануваат нечистотијата, бигорот и остатоците од сапун.
За да ја исчистите тоалетната школка, доволно е во неа да ставите половина или цела таблета и да ја оставите да делува 15 до 30 минути. Потоа школката добро исчистете ја со четка, обрнувајќи посебно внимание на дамките и на делот под работ, и пуштете вода. Кај поосетливиот порцелан, таблетата не треба да се остава да делува подолго од половина час.
Таблетата може да помогне и кај главата на тушот, која често се затнува поради бигор и минерални наслаги. Растворете една таблета во сад со топла вода и потопете ја главата на тушот во растворот. Ако не можете да ја симнете, истурете го растворот во пластична кеса и прицврстете ја кесата околу неа. По 30 до 60 минути исчистете ја со стара четка за заби и добро исплакнете ја.
Славините често се покриени со бели траги од вода и остатоци од сапун. Растворете половина таблета во шолја топла вода и поминете преку нив со мека крпа или сунѓер. Кај потврдокорните наслаги, натопената крпа може да ја оставите на проблематичното место 15 до 20 минути, па потоа славината исплакнете ја и избришете ја со сува крпа од микрофибер.
Садот за четката за тоалет е место што често го заборавуваме. Наполнете го со доволно топла вода, ставете една таблета и оставете ја да се раствори, а по 10 до 15 минути исчистете го со четка и добро исплакнете го. Истиот трик може да се примени и кај садовите за сапун, но таму е доволна половина таблета.
И лавабото и кадата ќе бидат чисти, бидејќи состојките на таблетата ги разградуваат остатоците од сапун и маснотијата од кожата. За када растворете една цела таблета во топла вода, а за лавабо е доволна половина. Растворот оставете го да делува 20 до 30 минути, а потоа површината нежно исчистете ја и добро исплакнете ја.
Кај фугите меѓу плочките, таблетата треба да се здроби во прав и да се измеша со малку вода за да се добие густа паста. Нанесете ја на фугите, оставете ја 10 до 15 минути, исчистете со мала четка и исплакнете. Подните плочки може да ги измиете со раствор од една таблета во кофа топла вода, кој треба да делува најмалку 15 минути.
Сепак, пред да почнете да ги користите таблетите низ целата бања, имајте предвид дека не се наменети за сите материјали. Нивните состојки може да бидат преагресивни за чувствителните премази, природниот камен и некои видови метал, па растворот прво пробајте го на помалку видливо место. Никогаш не мешајте ги таблетите со белило, киселини или други средства за чистење, бидејќи тоа може да биде опасно.
