Историска победа за Црна Гора: Четири гола против Кипар и важен чекор кон Европското првенство

Црногорската репрезентација го совлада Кипар со 4:1 и го освои првото место во групата 2 од Ц-дивизијата на Лигата на нациите. Со тоа обезбеди пласман во повисок ранг и место во баражот за Европското првенство.

Фудбалската репрезентација на Црна Гора ја совлада селекцијата на Кипар со 4:1 во последното коло од Ц-дивизијата на Лигата на нациите. Со победата го освои првото место во групата 2, обезбеди пласман во повисок ранг на натпреварувањето и учество во баражот за пласман на Европското првенство.

Избраниците на селекторот Мирко Вучиниќ поведоа уште во петтата минута. Никола Крстовиќ му асистираше на Милутин Осмајиќ, кој во ситуација еден на еден го совлада кипарскиот голман Фабијан за водство од 1:0.

Истиот тандем создаде уште една голема шанса десетина минути подоцна. По нафрлувањето на Осмајиќ, ударот на Крстовиќ го одбрани голманот на домашната селекција. До крајот на првото полувреме двете репрезентации имаа по две полушанси, а Вучиниќ поради повредата на Василије Аџиќ беше принуден да го внесе во игра Милан Вукотиќ.

Домаќините израмнија во седмата минута од второто полувреме. По дуелот меѓу Едвард и Игор Вујачиќ во шеснаесетникот и проверката на ситуацијата во ВАР-собата, беше досуден пенал за Кипар. Питас го реализираше ударот од белата точка, испраќајќи ја топката покрај голманот Даниел Петковиќ за 1:1.

Црна Гора брзо возврати и веќе во 58. минута повторно поведе. Милан Вукотиќ ја затресе мрежата по асистенцијата на Никола Крстовиќ.

Офанзивната игра на гостите донесе нов гол во 67. минута. По двете претходни асистенции, Крстовиќ се запиша и меѓу стрелците, откако Марко Јанковиќ му ја додаде топката за водство од 3:1. Конечните 4:1 повторно ги постави Крстовиќ во завршницата на натпреварот, искористувајќи ја асистенцијата на Сеад Хакшабановиќ.


Со обезбеденото место во баражот за Европското првенство, црногорската репрезентација сега го очекува ждрепката за квалификациските групи, која ќе се одржи на 6 декември во Белфаст. По победите против Кипар, Ерменија и Литванија, Црна Гора ќе ја бара шансата преку квалификациите директно да обезбеди историски, прв пласман на големо меѓународно натпреварување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс