Светлосниот меч на Дарт Вејдер продаден за речиси пет милиони долари, пет пати повеќе од очекуваното

Светлосниот меч што Дарт Вејдер го користел во славната сцена „Јас сум твојот татко“ е продаден на аукција за 4,875 милиони долари. Аукционерите очекуваа цена од нешто повеќе од еден милион, а продажбата е нов светски рекорд за реквизит од „Војна на ѕвездите“.

Светлосниот меч на Дарт Вејдер, кој се користел во една од најпознатите сцени во историјата на филмот, е продаден на аукција за речиси пет милиони долари. Аукционерите проценуваа дека ќе достигне цена од нешто повеќе од еден милион долари, но во четвртокот мечот бил продаден за неверојатни 4,875 милиони долари.

Станува збор за реквизитот што се користел во славната сцена „Јас сум твојот татко“ од филмот „Империјата возвраќа удар“ од 1980 година, како и во филмот „Враќањето на џедајот“ од 1983 година. Во таа сцена, Дарт Вејдер на Лук Скајвокер, по нивниот дуел, му ја открива вистината дека му е татко, а таа реплика стана една од најпознатите во историјата на филмот.

Мечот бил еден од вкупно 27 светлосни мечеви понудени на аукцијата на куќата Heritage Auctions во САД, наречена „Најголемата аукција на ’Војна на ѕвездите’“. Меѓу нив биле и мечевите што ги користеле Оби-Ван Кеноби, кого го глуми Јуан Мекгрегор, и Анакин Скајвокер, кого го глуми Хејден Кристенсен, во филмот „Одмаздата на Сит“.

Според аукциската куќа, продажбата е светски рекорд за кој било реквизит од „Војна на ѕвездите“ што бил користен пред камерите. Таа го надмина и претходниот рекорд на истата куќа. Во јули светлосниот меч на Лук Скајвокер, заедно со неговата отсечена рака од филмот „Империјата возвраќа удар“, беше продаден за 3,75 милиони долари.

Понудата на аукцијата опфаќаше предмети од целиот универзум што го создаде Џорџ Лукас. Меѓу нив беа и пиштолот на ловецот на глави Боба Фет, како и раката на куклата Јода, користена при првото појавување на овој лик во „Империјата возвраќа удар“.


Од аукциската куќа велат дека мечот на Дарт Вејдер за колекционерите на „Војна на ѕвездите“ е вистински свет грал. Причината е што се користел на самото снимање, и тоа во најпознатата секвенца од целата филмска сага, која децении подоцна сè уште ја паметат и цитираат генерации љубители на филмот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс