СЗО предупредува: Пушењето ги намалува шансите за бременост

СЗО нагласува дека неплодноста не е исклучиво женски здравствен проблем, анализа на 44 студии, во кои биле опфатени повеќе од 60.000 мажи, покажала поврзаност меѓу пушењето и нарушувањата на спермата

Пушењето може значително да ги намали шансите за зачнување, да го наруши репродуктивното здравје кај мажите и да ја намали успешноста на третманите за неплодност, предупредува Светската здравствена организација во новиот извештај за влијанието на тутунот врз плодноста.

Според систематски преглед на истражувања спроведени од 2000 до 2026 година, жените што пушат имаат околу 40 проценти поголем ризик од неплодност во споредба со непушачките.

Податоците покажуваат дека откажувањето од цигарите може да донесе значајна промена. Жените што пушеле во минатото, но престанале, имале околу 25 проценти помал ризик од неплодност во споредба со оние што продолжиле да пушат.

СЗО нагласува дека неплодноста не е исклучиво женски здравствен проблем. Анализа на 44 студии, во кои биле опфатени повеќе од 60.000 мажи, покажала поврзаност меѓу пушењето и нарушувањата на спермата и сексуалната функција.

Кај мажите што пушат почесто се забележуваат намалена подвижност и неправилна форма на сперматозоидите, отсуство на сперматозоиди во семената течност, како и еректилни и ејакулаторни проблеми.

Пушењето може да влијае и врз резултатите од асистираната репродукција. Преглед на 21 истражување покажал дека кај пушачите се регистрирани помалку бремености и живородени деца по постапки како ин витро оплодување. Наодите укажуваат дека шансите за успешен исход во одредени случаи може да бидат приближно преполовени, иако индивидуалниот ризик зависи и од возраста, здравствената состојба и други фактори.

Опасност постои и за непушачите изложени на чад од цигари. Пасивното пушење се поврзува со зголемен ризик од неплодност и со помала веројатност за зачнување во текот на секој месечен циклус.

Доказите се најсилни за класичните цигари, додека влијанието на електронските цигари, наргилето и бездимните тутунски производи сè уште се истражува. СЗО предупредува дека и тие можат да претставуваат ризик за репродуктивното здравје.

Организацијата препорачува лекарите да ги информираат лицата и двојките што планираат бременост за ризиците од тутунот и да им понудат стручна поддршка за откажување.

На глобално ниво, околу едно од шест лица во репродуктивна возраст се соочува со неплодност во одреден период од животот. Таа се дефинира како неможност да се постигне бременост по најмалку 12 месеци редовни незаштитени сексуални односи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс