СЗО предупредува: Чадот од шумските пожари е тивка здравствена закана што може да се почувствува и стотици километри подалеку

Светската здравствена организација предупредува дека чадот од шумските пожари не ги загрозува само областите погодени од огнот, туку може да предизвика сериозни здравствени последици и далеку од пожарите.

Чадот од шумските пожари станува сè поголема закана за јавното здравје, предупредува Светската здравствена организација (СЗО), која апелира властите да ги зајакнат мерките за заштита на населението, особено на најранливите групи.

Поради една од најтешките сезони на шумски пожари во последните години во јужна Европа, расте не само бројот на евакуации и материјалните штети, туку и притисокот врз здравствените системи.

„Ова не се само пожари кои ги уништуваат домовите и природата – станува збор за вистинска здравствена криза“, изјави Дорота Јаросинска, програмска менаџерка во Европскиот центар за климатски промени, животна средина и здравје при Светската здравствена организација.

Таа предупредува дека чадот од шумските пожари може да патува стотици, па дури и илјадници километри, загадувајќи го воздухот и во урбани средини кои се далеку од самите пожари.

„Не мора да ги гледате пламените јазици или облаците од чад за да бидете изложени на здравствен ризик“, истакна Јаросинска.

Најзагрозени се хронично болните, децата и постарите

Чадот содржи ситни честички, токсични материи и гасови кои можат длабоко да навлезат во белите дробови и преку крвотокот да предизвикаат воспалителни процеси во организмот.

Кај здравите лица симптомите најчесто се ограничуваат на иритација на грлото, кашлица и течење на носот, но кај луѓето со астма, хронични белодробни заболувања, срцеви болести, како и кај децата и постарите лица, последиците можат да бидат многу посериозни, па дури и опасни по живот.

Потребни се подобри мерки за заштита

Од Светската здравствена организација сметаат дека препораките до јавноста не треба да бидат исти за сите.

Освен советите граѓаните да останат во затворени простории и да избегнуваат физичка активност на отворено, потребно е да се обезбедат и простории со чист воздух и разладување за луѓето кои немаат клима-уреди или прочистувачи на воздух.

Посебно внимание, според експертите, треба да им се посвети на ранливите категории, лицата со ограничен пристап до здравствена заштита, како и на луѓето кои поради јазични или социјални бариери не можат навреме да добијат информации.

Подготовка на здравствениот систем

СЗО нагласува дека здравствените работници треба да бидат дополнително обучени за ризиците од загадениот воздух и да знаат како да ги советуваат пациентите во вакви ситуации.

„Влијанието на чадот од шумските пожари не е само проблем на поединците, туку претставува и сериозен товар за здравствениот систем. Затоа е неопходно здравствениот сектор да биде подобро подготвен за вакви климатски кризи“, предупредува Јаросинска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс