Речиси сите патници и членови на екипажот на крузерот MV Hondius, кој беше ставен во карантин поради појава на смртоносен хантавирус, добија дозвола да ја напуштат изолацијата и да се вратат во своите земји, соопшти генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус.
На бродот беа потврдени 12 случаи на зараза, како и уште еден сомнителен случај, додека тројца патници починаа како последица на инфекцијата. Случајот предизвика реакција на здравствените власти во повеќе држави и беше внимателно следен од меѓународните институции. Крузерот MV Hondius, кој плови под холандско знаме, испловил на 1 април од Ушуаја во Аргентина, по што посетил оддалечени острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан. Подоцна се упатил кон север, кон Зеленортска Република и Канарски Острови, каде што дел од патниците биле евакуирани.
Бродот пристигнал во Ротердам на 18 мај, по што преостанатиот екипаж останал во карантин неколку недели. Според Светската здравствена организација, ситуацијата во моментов е стабилна. Од 2 мај наваму не е регистриран ниту еден нов случај на зараза, ниту нов смртен исход поврзан со вирусот.
По темелна дезинфекција и чистење, MV Hondius на 30 мај добил дозвола повторно да исплови. Во меѓувреме, островот Света Елена, каде што биле сместени дел од патниците, на 8 јуни официјално ја укинал вонредната здравствена состојба. Локалните власти соопштија дека сите лица кои биле во задолжителна изолација успешно ја завршиле 42-дневната карантинска процедура и дека повеќе нема активни, сомнителни или потврдени случаи на инфекција.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со заразени глодари. За ова заболување во моментов не постои одобрена вакцина ниту специфична терапија. Вирусот идентификуван на крузерот припаѓа на групата Andes и е единствениот познат вид на хантавирус кој може да се пренесува и од човек на човек, што дополнително ја зголеми загриженоста кај здравствените експерти. Иако епидемијата на MV Hondius заврши без нови случаи во изминатите недели, настанот повторно ја отвори дебатата за подготвеноста на меѓународните здравствени системи за справување со ретки, но потенцијално опасни заразни болести во услови на глобална мобилност и масовен туризам.