Европа би можела во наредните недели повторно да се соочи со опасни топлотни бранови, предупреди регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Хенри П. Клуге. Тој ги повика владите да преземат дополнителни мерки за заштита на граѓаните од последиците од екстремните горештини.
Според СЗО, во Португалија и јужниот дел на Шпанија оваа недела се очекуваат температури до 43 Целзиусови степени, а нов топлотен бран се најавува и за Франција, земјите од Бенелукс и делови од Централна Азија.
Клуге истакна дека државите кои веќе имаат национални планови за справување со екстремните горештини поуспешно се справиле со претходните топлотни бранови. Како позитивни примери ги посочи Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Франција и Северна Македонија.
Тој предупреди дека помалку од половина од 53-те земји-членки на европскиот регион на СЗО располагаат со национален план за реагирање при екстремни температури. Најзагрозени се постарите лица, бездомниците и луѓето кои живеат во социјална изолација.
Од СЗО најавија дека до сите земји-членки ќе достават нови препораки и ќе обезбедат техничка поддршка за подобрување на системите за заштита на населението од последиците од екстремните горештини.