СЗО алармира: Над 900 сомнителни случаи на ебола во Конго, починале 204 лица

Светската здравствена организација предупреди дека во Демократска Република Конго има над 900 сомнителни случаи на ебола. Потврдени се 101 инфекција, а досега починале 204 лица.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во Демократска Република Конго се регистрирани повеќе од 900 сомнителни случаи на ебола, од кои 101 се лабораториски потврдени, додека според локалното Министерство за здравство досега починале 204 лица.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на социјалната мрежа X објави дека бројот на сомнителни случаи продолжува да расте додека се засилуваат мерките за надзор и контрола на епидемијата.

„Како што се интензивираат напорите за следење на ширењето на еболата во ДР Конго, досега се идентификувани повеќе од 900 сомнителни случаи, од кои 101 се потврдени“, напиша Гебрејесус, без да наведе број на жртви.

Во последниот извештај објавен во саботата, Министерството за здравство на Демократска Република Конго соопшти дека епидемијата предизвикала 204 смртни случаи меѓу 867 сомнителни инфекции. Властите на 15 мај прогласија епидемија на ебола предизвикана од вирусот Бундибугио, вид за кој засега не постои ниту вакцина, ниту специфичен лек. Според СЗО, стапката на смртност може да достигне и до 50 проценти, поради што организацијата прогласи меѓународна здравствена тревога.

Еболата во последните пет децении однесе повеќе од 15.000 животи во Африка, а според податоците на СЗО, смртноста кај различни епидемии се движела меѓу 25 и 90 проценти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс