СЗО: Околу 45 отсто од ризикот за деменција може да се спречи или одложи

Околу 45 отсто од ризикот за деменција може да се спречи или одложи со промена на одредени фактори, како откажување од пушење, физичка активност и почист воздух, оцени Светската здравствена организација (СЗО), објавувајќи ажурирани глобални насоки за прв пат по 2019 година.

Деменцијата е седми водечки причинител на смрт и еден од водечките причинители на инвалидитет кај постарите луѓе низ светот. Предизвикана од болести на мозокот, деменцијата влијае на помнењето, размислувањето и способноста за водење нормален живот.

„Иако не постои лек за деменцијата, до 45 отсто од ризикот може да се избегне со промена на фактори на ризик како пушењето, консумирањето алкохол, социјалната изолација, физичката неактивност, загадувањето на воздухот и болести како високиот крвен притисок, дијабетесот и високиот холестерол”, нагласи СЗО во новите препораки.

Повеќе од 57 милиони луѓе низ светот живеат со деменција, а околу 10 милиони нови случаи се појавуваат секоја година, наведува СЗО. Алцхајмеровата болест е најчестата форма на деменција и сочинува 60 до 70 отсто од случаите. Состојбата чини околу 1,3 билиони долари годишно за глобалната економија, при што приближно половина од тој трошок доаѓа од неплатена грижа обезбедена од семејството и пријателите.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека денес знаеме повеќе од кога било претходно за тоа што го поттикнува ризикот од деменција, и дека овие насоки го преведуваат тоа знаење во конкретно дејствување.

„Зад овие бројки стојат поединци, семејства и заедници кои се соочуваат со значајни предизвици, кои влијаат не само на нивното здравје, туку и на нивното достоинство, независност и благосостојба”, се наведува во соопштението, каде се додава дека здравствените работници и креаторите на политики можат да помогнат во спречувањето или одложувањето на почетокот на деменцијата.

Новите насоки препорачуваат и одржување на активен мозок преку когнитивен тренинг и ментално стимулативни активности, како и остнаување социјално поврзан, преку редовно вклучување во социјални активности. За прв пат, СЗО препорачува и намалување на изложеноста на загаден воздухот како дел од напорите за превенција на деменција, одразувајќи растечки докази кои ги поврзуваат факторите на животната средина со когнитивниот пад. Иако деменцијата е почеста по 65-годишна возраст, тоа не е неизбежна последица од стареењето, нагласува СЗО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс