Светски патник бил во 43 главни градови, но најрадо му се навраќа на Скопје

Патувачкиот блогер Конрад Варжеча вели дека центарот на Скопје го изненадил со изгледот, но и ниските цени.

Патувачкиот блогер и основач на HouseSittersGuide.com, Конрад Варжеча, обиколил 43 главни градови низ Европа. Од сите, вели, најрадо се навраќа на Скопје, град кој сè уште не е „откриен“ од масовниот туризам.

Варжеча признава дека кога прв пат влегол во градот, надворешните делови не оставиле некој впечаток. Но штом стигнал до центарот, околу Плоштадот, Камениот мост и Старата чаршија, вели дека бил „целосно воодушевен“. Мермерот, скулптурите и мостовите, во комбинација, му делувале како нешто за кое не бил подготвен.

Меѓу сите 43 престолнини, Скопје се најде на прво место, пред градови какви што се Рим, кој го опишува како „жив на начин на кој другите не се“, и Варшава, која ја пофалува заради кулинарската сцена. Со „пиштол на слепоочница“, како што самиот се изразува, би избрал го Скопје како најдобар.

Го изненадила и практичната страна: градот, вели, се минува пешки од крај до крај за околу половина час, а неделен билет за јавен превоз, вклучувајќи ја жичарата до Милениумскиот крст, чини околу осум до десет фунти, износ што за него делува „комично“ низок.

Скопје му оставил впечаток на еден од најбезбедните градови што ги посетил, до степен да прошета ноќе без двоумење. Излегувањето е нешто на кое, вели, воопшто не морал да размислува: пиво од локална марка чини малку над две фунти.

Забележал дека центарот е видливо изграден за посетители, но доволно е да се тргне пет минути пешки во било која насока за да се влезе во целосно поинакво, локално Скопје. Никој не се обидувал да му продаде нешто, а секој го пречекал со насмевка, впечаток кој го наведува меѓу најтоплите што ги имал на своите патувања.

За храната зборува со ентузијазам, особено за скарата, ајварот и тавче гравче, а препораката од неговиот водич, ресторанот Скопски Мерак, ја опишува преку живата музика и „топлата, малку хаотична“ атмосфера, за него сумарна слика на целиот град.

Варжеча и партнерката му Каро се патници на полно работно време. Од 2023 година завршиле дваесетина чувања куќи во дванаесет земји, а во ноември 2025 година го напуштиле станот, купиле VW T4 комбе од 1998 година и оттогаш поминале речиси 19.000 километри низ Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс