Рок музиката е родена на крстопатот меѓу кантри музиката и ритам-енд-блузот, некаде во средината на педесеттите години во американскиот Југ. Елвис Присли често велел дека не измислил ништо ново, само ги споил елементите што веќе постоеле. Тоа не го спречило да стане првата глобална рок-ѕвезда. По него следеле Чак Бери, Бади Холи и Литл Ричард, а потоа „Битлси“ го пренеле рокенролот преку Атлантикот и го претвориле во европски феномен. Неколку години подоцна, „Ролинг Стоунс“ покажале дека рок музиката не е само за тинејџери, туку станала културен и општествен феномен.
Денес, на 13 јули, светот го одбележува Денот на рокенролот. Датумот е поврзан со Live Aid, хуманитарниот концерт одржан на 13 јули 1985 година во Лондон и Филаделфија – еден од најголемите музички настани во историјата.

Live Aid: 16 часа музика, 140 милиони долари и 1,9 милијарди гледачи
Боб Гелдоф, пејачот на ирскиот бенд Boomtown Rats, во 1984 година гледал телевизиски извештај за гладот во Етиопија. Тој потоа ја иницирал песната „Do They Know It’s Christmas?“, изведена од супергрупата Band Aid. Синглот останал пет недели на првото место на британските топ-листи и собрал околу 8 милиони фунти. Но, за Гелдоф тоа не било доволно. Следниот чекор бил организацијата на Live Aid, концерт кој ќе стане симбол на музичкиот активизам.
На 13 јули 1985 година, напладне во Лондон и во седум часот наутро во Филаделфија, започнале истовремено концерти во двата града. Настанот го организирале Боб Гелдоф и Миџ Јур од Ultravox, а Гелдоф имал помалку од еден месец да ги обезбеди настапите на најголемите музички имиња во светот.
На сцената настапиле повеќе од 75 изведувачи, меѓу кои Елтон Џон, Квин, Мадона, Сантана, Стинг, Брајан Адамс, Дејвид Боуви, Дуран Дуран, U2, The Who, Нил Јанг и Ерик Клептон. Советскиот Сојуз за првпат во историјата дозволил емитување на живо рок-шоу преку државниот радиодифузен сервис, што дополнително го зголемило глобалното значење на настанот.
Единствениот изведувач кој настапил на двата концерта бил Фил Колинс,прво во Лондон, а потоа со авион Конкорд го преминал Атлантикот и настапил во Филаделфија истиот ден. Концертите собрале околу 40 милиони фунти, а вкупните средства со текот на времето достигнале околу 127 милиони долари, додека некои проценки зборуваат и за 140 милиони долари.
Live Aid го следеле околу 1,9 милијарди луѓе во 150 земји, а Боб Гелдоф подоцна бил прогласен за витез од кралицата Елизабета Втора. Квин првично требало да настапат само околу 20 минути, но Фреди Меркури со својата енергија направил настап кој и денес се смета за еден од најлегендарните моменти во историјата на рок музиката.

Рок музиката: жанрот кој ги урна ѕидовите
Рок музиката никогаш не била само музички жанр. Во педесеттите години таа била симбол на бунт и закана за конзервативните родители на првата генерација тинејџери кои растеле со нова култура и нов начин на изразување.
Во шеесеттите, рокот станал глас на една генерација која протестирала против војната во Виетнам, политичките поделби и општествените ограничувања. Во седумдесеттите, прогресивниот рок покажал колку комплексна и експериментална може да биде популарната музика, додека хард рокот и хеви металот создавале нови граници на звукот.
Во осумдесеттите, појавата на MTV ги претворила рок-ѕвездите во глобални визуелни икони, но истовремено ја променила и природата на музичката индустрија. Деведесеттите го донеле гранџот – движење кое било реакција на претходната ера на музички спектакл и комерцијализација.
Денес рок музиката постои паралелно со сите останати жанрови, попот, хип-хопот, електронската музика и новите дигитални форми на изразување. За едни таа е жанр кој го изгубил некогашното влијание, за други е поиндивидуален и поавтентичен од кога било.
Rock and Roll Hall of Fame во Кливленд секоја година прима нови членови, а дебатата за тоа кој заслужува место меѓу најголемите имиња во историјата на рокот никогаш не престанува.

Македонија: од Бис-Без до Мизар, Падот на Византија и Бастион
Македонската рок сцена има историја која започнува уште во раните шеесетти години. Еден од првите бендови кои успеале да се афирмираат е групата Бис-Без, формирана во 1964 година со спојување на составите „Бисери“ и „Безимени“. Бендот бил под силно влијание на тогашната светска сцена, особено на Битлси, кои го менувале музичкиот свет.
Во седумдесеттите години се појавиле повеќе значајни состави како Пу, Ден за ден, Лева Патика, Триангл и Автограм, кои експериментирале со различни стилови, од хард рок и прогресивен рок, до фолк рок, џез рок и фанк рок. Од овој период најголемо влијание остави групата Леб и сол, која стана еден од најзначајните македонски и југословенски музички состави, комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски мотиви.
Осумдесеттите години, според многу музички критичари, се сметаат за еден од најсилните периоди на македонската рок сцена. Тогаш се појавија бендови како Бастион, Хаос ин Лаос, Меморија и Анастасија, а култните состави Мизар, Архангел и Падот на Византија оставија траен белег врз македонската алтернативна музика.
Падот на Византија е македонска дарквејв група формирана во 1983 година. Под влијание на бендови како Joy Division и Bauhaus, групата создаде специфичен звук во кој се спојуваа елементи од постпанкот, македонската етномузика и црковнословенското пеење. Иако бендот се распаднал во 1985 година, неговото влијание останало значајно, не само во Македонија туку и пошироко на просторот на поранешна Југославија.
Бастион бил формиран во 1982 година, а дел од составот бил и музичарот Кирил Џајковски. Текстовите и видеоспотовите на групата ги работел тогаш младиот режисер во подем Милчо Манчевски. Триесет и три години по објавувањето на единствениот албум на Бастион, во 2018 година, англиската издавачка куќа ACC Records го реиздаде албумот на винил. Тоа беше првпат во македонската дискографска историја некој албум да биде официјално реиздаден на винил.
Денес во Македонија постојат повеќе рок-фестивали кои ја одржуваат сцената жива. Меѓу најпознатите се Таксират и Скопје Гори, на кои настапувале бројни домашни и светски музички имиња, а посебно место има и најстариот македонски рок фестивал, Рок-фест.
Од гаражите и малите клубови до најголемите светски сцени, рокенролот останува повеќе од музика – тој е приказна за бунтот, слободата, генерациите и желбата да се промени светот.