Книгите излегуваат на плоштад, бесплатни изданија и настани за Светскиот ден на книгата

Од 20 до 23 април Скопје ќе биде во знакот на книгата, со настани на плоштадот Македонија и во Националната библиотека. Граѓаните ќе можат да добијат бесплатни книги, да учествуваат во интерактивни активности и да бидат дел од книжевна прослава.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, заедно со Амбасадата на Кралството Шпанија, Град Скопје и Францускиот институт, годинава подготвуваат поинакво и подинамично одбележување на Светскиот ден на книгата и авторското право.

Прославата започнува на 20 април на плоштадот Македонија, каде што во периодот од 20 до 22 април, од 10:00 до 18:00 часот, посетителите ќе можат да добијат бесплатни книги, да се вклучат во интерактивни настани и да се пријават за специјални тури низ Библиотеката што ќе се реализираат на 23 април.

Дополнително, посетителите ќе имаат можност да извлечат бројчиња за специјално изненадување, кое ќе биде откриено на самиот Светски ден на книгата.

Настаните ќе бидат збогатени со учество на институции како Македонскиот народен театар, Археолошкиот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј на Македонија, кои ќе придонесат со своја програма и активности.

Оваа година, организаторите се одлучија книгата да ја „изнесат“ надвор од библиотеката и директно да ја приближат до граѓаните, со цел да се поттикне интересот за читање и култура кај сите генерации.

Кулминацијата ќе биде на 23 април, кога во новиот дел на Библиотеката – Мултимедијалната читалница, со почеток во 11:00 часот, ќе се одржи централниот настан со книжевни средби, прошетки низ библиотеката и музичка програма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни