Ресурсите ги трошиме 73 отсто побрзо: Светот утре влегува во еколошки долг

Според податоците од Global Footprint Network, на 30 јули годинава ја трошиме целата годишна залиха на ресурси што планетата може да ги обнови.
Драматично повлекување на водата во Преспанското Езеро, октомври 2025 – фотографија од @prespa_sos
фото: Ole Gold

Човештвото на 30 јули влегува во еколошки долг, откако го потроши целокупниот годишен буџет на природни ресурси. Иако датумот е шест дена подоцна од лани, Светската организација за заштита на природата (WWF) предупредува дека тоа е резултат на ажурирана методологија, а не на реално намалување на притисокот врз планетата. Земјите од регионот, вклучително и Македонија, овој праг го поминаа уште пролетва.

Според пресметките на Global Footprint Network, човештвото моментално користи природни ресурси 73 отсто побрзо отколку што екосистемите на Земјата можат да ги обноват. По 30 јули, глобалната популација живее на еколошки долг, што значи дека троши природен капитал кој не може да се надомести во истата година. Директорката за комуникации во WWF-Adria, Петра Боиќ Петрач, истакнува дека јазот помеѓу потрошувачката и биокапацитетот на планетата продолжува да се зголемува.

Додека глобалниот датум паѓа во јули, земјите од регионот својот еколошки буџет го трошат значително порано. Македонија, ги следи овие негативни трендови, влегувајќи во еколошки дефицит многу пред светскиот просек. Последиците од ваквата прекумерна потрошувачка се веќе видливи преку губењето на шумите, деградацијата на почвата и растот на концентрацијата на стакленички гасови.

WWF предупредува дека сегашното темпо на експлоатација долгорочно ја загрозува стабилноста на екосистемите, производството на храна и квалитетот на животот. Иако решенијата се познати, од намалување на емисиите до одржливо производство на храна и енергетска ефикасност, организацијата нагласува дека се потребни итни и системски промени во начинот на кој се управува со природните богатства за да се помести Данот на еколошки долг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс