Една од најпознатите луксузни дестинации на Јадранот, црногорскиот Свети Стефан, повторно ќе ги отвори вратите за туристите по петгодишна пауза. Познатиот островски комплекс, препознатлив по камените куќи и портокаловите покриви, ќе започне со работа од 1 јули 2026 година.
Свети Стефан беше затворен во 2021 година поради спор меѓу компаниите „Adriatic Properties“ и „Aman“ и Владата на Црна Гора. Главниот проблем бил пристапот до плажите околу островот, што предизвика реакции кај локалното население и доведе до долг политички и правен спор.
По повеќегодишни преговори е постигнат нов договор со кој дел од плажите повторно ќе бидат достапни за јавноста. Меѓу нив се и познатата плажа Свети Стефан, како и помалата Кралeва плажа. Сепак, ексклузивната Кралиčina плажа ќе остане резервирана само за гостите на хотелот „Aman Sveti Stefan“.
Со повторното отворање, туристите ќе можат повторно да уживаат и во вилата Милочер, некогашната летна резиденција на кралицата Марија Караѓорѓевиќ. Свети Стефан има богата историја и некогаш бил рибарско село од 15 век, а подоцна прераснал во светски познат град-хотел кој го посетувале бројни славни личности.
Меѓу најпознатите гости низ годините биле Елизабет Тејлор, Мерилин Монро, Софија Лорен и принцезата Маргарет. Местото е препознатливо и по розовата нијанса на песокот на плажите, создадена од мешавина на ситен песок, школки и камчиња.
Повторното отворање на Свети Стефан се смета за важен чекор за црногорскиот туризам и враќање на една од најелитните дестинации на Јадранот на светската туристичка мапа.