Шведска се враќа кон книгите: Од есен мобилните телефони ќе бидат забранети во училиштата

Шведските власти сметаат дека традиционалното учење со книги носи подобри резултати од прекумерната употреба на екрани, особено кај помладите ученици.

Шведска, земја која долго време важеше за лидер во дигитализацијата на образованието, од следната учебна година ќе воведе забрана за користење мобилни телефони во училиштата. Одлуката е дел од поширока стратегија за намалување на времето поминато пред екрани и поттикнување на читањето и традиционалните методи на учење.

Шведската влада уште од 2023 година спроведува политика насочена кон поголема употреба на книги, особено во предучилишното и основното образование. Според надлежните, во последните години е забележан пад на способноста за читање и пишување кај учениците.

Претседателот на парламентарниот одбор за образование, Жоар Форсел, изјави дека книгите и класичните наставни методи се поефикасни за детскиот развој отколку постојаната изложеност на дигитални уреди.

Шведска не е единствената земја што воведува вакви мерки. Данска подготвува слична забрана, додека Финска веќе ги ограничи мобилните уреди во училиштата. Слични чекори преземаат и други држави ширум светот, како и големи училишни окрузи во САД.

Иако е една од технолошки најразвиените земји во Европа, Шведска годинава издвои околу 59 милиони долари за набавка на учебници и наставни материјали. Властите сметаат дека враќањето кон книгите е неопходно поради намаленото ниво на читачка писменост кај младите.

Научници од Универзитетот во Лунд посочуваат дека учењето со физички материјали активира повеќе когнитивни процеси и придонесува за подобро разбирање и паметење на содржините.

Сепак, дел од образовниот и технолошкиот сектор предупредува дека идниот пазар на труд ќе бара високо ниво на дигитални вештини. Според нив, целосното намалување на дигиталното учење може да создаде недостаток на компетенции кај младите генерации.

И покрај различните ставови, шведските власти остануваат на курсот кон образовен систем во кој книгите ќе имаат централна улога. Новата наставна програма, која треба да стапи во сила во 2028 година, дополнително ќе го нагласи учењето базирано на печатени материјали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс