Светски ден на борбата против сушата: Македонското земјоделство сè потешко се справува со недостигот на вода

Сушата станува една од најголемите закани за македонското земјоделство, кое зафаќа речиси половина од територијата на земјата. Климатските промени, сè почестите топлотни бранови и намалените врнежи ја зголемуваат потребата од нови решенија за адаптација и поефикасно користење на водните ресурси.

По повод Светскиот ден на борбата против сушата и опустинувањето, експертите предупредуваат дека Македонија се соочува со сериозни предизвици кои директно влијаат врз производството на храна, приходите на земјоделците и развојот на руралните средини.

Земјоделското земјиште зафаќа околу половина од вкупната површина на државата, што значи дека секоја промена во климатските услови има значително влијание врз секторот. Во услови на повисоки температури, намалени врнежи и подолги сушни периоди, обезбедувањето вода за наводнување станува клучен фактор за одржување на производството.

Германската влада преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во Северна Македонија и регионот поддржува активности насочени кон приспособување на земјоделството кон климатските промени, со посебен фокус на одржливо управување со водните ресурси и развој на поотпорни земјоделски практики.

Климатските проекции за Македонија покажуваат загрижувачки трендови. Според сценаријата со високи емисии на стакленички гасови, до крајот на векот просечната температура може да порасне за дури пет Целзиусови степени. Истовремено, летните врнежи би можеле да се намалат за околу 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно.

Проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје вели дека климатските промени веќе оставаат сериозни последици врз овоштарството и земјоделското производство во целина.

„Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување“, посочува Арсов.

Тој додава дека денес веќе не може да се препорача интензивно одгледување на овошни култури без системи за наводнување. Покрај недостигот на вода, земјоделците сè почесто се соочуваат и со доцни пролетни мразеви, град, екстремно високи летни температури и намалена влажност на воздухот.

Според проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа од Институтот за агроекономика при Факултетот за земјоделски науки и храна, земјоделството останува еден од најважните сектори во македонската економија.

„Земјоделството учествува со околу една десетина во бруто-домашниот производ и има приближно ист удел во вработеноста. Иако во последните години неговото учество постепено се намалува, вредноста на секторот расте, што покажува дека потенцијалот и натаму е значителен“, вели Мартиновска Стојческа.

Таа укажува дека дополнителен предизвик претставува структурата на земјоделското производство во земјата. Дури 95 проценти од фармите располагаат со помалку од пет хектари обработлива површина, додека просечната големина на едно земјоделско стопанство изнесува само 1,8 хектари. Тоа е значително помалку во споредба со земјите членки на Европската Унија и со дел од соседните држави.

Експертите предупредуваат дека без инвестиции во модерни системи за наводнување, подобро управување со водните ресурси и воведување поотпорни земјоделски практики, последиците од сушата би можеле дополнително да се продлабочат во наредните години.

Светскиот ден на борбата против сушата и опустинувањето секоја година потсетува дека климатските промени повеќе не се закана од иднината, туку реалност со која земјоделците веќе секојдневно се соочуваат на своите ниви.

е-Трн да боцка во твојот инбокс