Повеќемесечната жега и недостигот од врнежи уништија до 90 проценти од посевите во делови од Босна и Херцеговина, доведувајќи ги земјоделците и сточарскиот фонд до работ на колапс.
Најпогодени се пролетните култури, особено пченката, а земјоделците предупредуваат дека без системско наводнување и навремена помош, штетите ќе имаат долгорочни последици.
Пченката најтешко погодена
На парцели низ Семберија, Посавина, Лијевче Поле, но и во централните делови на земјата, стеблата на пченката закржлавеле, а на голем број ниви класовите воопшто не се формирале.
Поради недостигот од влага, здруженијата проценуваат дека загубите на приносите на незаштитените површини ќе бидат меѓу 70 и 90 проценти.
„Горивото отиде на 3,5 марки, сушата уништи сè, немаме што да очекуваме“, вели претседателот на Здружението на земјоделци на Семберија, Жељко Станиќ, додавајќи дека без помош од властите нема спас.
Според него, поддршката досега е недоволна.
„Тоа е сè на капалка. Нема конкретна поддршка за да се санираат штетите. Имавме и елементарна непогода претходно и никаква помош не добивме“, вели Станиќ.
Штети и кај сојата, зеленчукот и овошјето
Освен пченката, големи штети се бележат и кај сојата, каде топлотниот стрес го преполовил родот.
Зеленчукопроизводителите што немаат стабилен пристап до подземни води или канали пријавуваат изгорени посеви на пиперки, домати и зелка.
Дури и овоштарниците во ридско-планинските предели претрпеле значителни оштетувања.
„Состојбата е лоша, тешка, особено кога станува збор за пченката, овошјето и зеленчукот. Проблеми има и во сточарското производство, животните доживуваат топлотни удари“, вели Неџад Биќо од Здружението на земјоделци на Федерацијата БиХ.
Сточарите стравуваат од распродажба на добитокот
Најголемиот страв на земјоделците не е поврзан само со пропаднатата жетва, туку и со последиците што ќе ги почувствува сточарството.
Пченката и сојата се основа на исхраната на говедата, свињите и живината, а нивниот недостиг значи драстично поскапување на концентрираната сточна храна.
Земјоделците предупредуваат дека недостигот на силажа може да принуди многу фармери на распродажба или присилно колење на млечните грла.
Дополнителен ризик се и микотоксините и афлатоксините во посевите изложени на екстремен стрес, што ја доведува во прашање и безбедноста и квалитетот на преостанатата храна.
Властите ја префрлаат одговорноста
И покрај апелите на земјоделските здруженија, конкретните механизми за помош сè уште доцнат.
Од Федералната управа за цивилна заштита наведуваат дека во моментов на ниту еден дел од Федерацијата БиХ не е прогласена состојба на природна или друга несреќа од страна на локалните заедници.
Надлежниот министер во федералната влада, Кемал Хрњиќ, посочи дека доколку некоја општина или град прогласи таква состојба, тоа потоа би можеле да го разгледаат кантоните, а потоа и Федерацијата БиХ.
Земјоделците, пак, сметаат дека станува збор за префрлање одговорност на пониските нивоа на власт, кои први треба да прогласат елементарна непогода, но немаат доволно средства за покривање на штетите.
„Ова е најтешка година“
„Во 25 години колку што се занимавам со овоштарство, ова е најтешка година. И суша и цени“, вели Раиф Чолиќ, еден од најголемите производители и одгледувачи на сливи во градачачкиот крај и поширокиот регион.
Овоштарите годинава очекувале голем род, но сушата ги уништила очекувањата.
„Приносите се катастрофални, особено кај крушата, бидејќи прва класа воопшто нема. И јаболката останаа многу ситни“, вели претседателот на Здружението на овоштари на Република Српска, Драгоје Дојчиновиќ.
Без наводнување, сушата ќе продолжи да ги празни селата
Ресорните министерства најавуваат можност за побрза исплата на редовните поттикнувања, премии по хектар и распределба на субвенционирано дизел-гориво за претстојната сеидба.
Но аграрните аналитичари предупредуваат дека таквите мерки се само „гаснење пожар“.
Земјоделците велат дека пари им се потребни веднаш, за да ги покријат трошоците за репроматеријали и да можат да ја подготват есенската сеидба на пченица и јачмен.
Оваа суша не е исклучок, туку сè поочигледна климатска реалност на Балканот. Сепак, институционалниот однос кон инфраструктурата останува речиси непроменет.
Во БиХ се наводнува само мал дел од обработливите површини, додека најголем дел од земјоделските стопанства и натаму зависат од временските услови. Проектите за хидромелиорација напредуваат бавно, а постојните канали често се запуштени или нефункционални.
Економистите предупредуваат дека целиот Балкан влегува во период на можен раст на цените на земјоделско-прехранбените производи, особено на сточната храна, а посредно и на месото и млекото.
Доколку властите не почнат да поттикнуваат изградба на современи акумулации, субвенционирање опрема за наводнување и развој на систем за осигурување на посевите, сушата ќе продолжи да ги празни селата побрзо од кој било друг економски фактор.