Научниците не најдоа докази дека пиењето колаген ја подмладува кожата

Анализата на клучните студии откри сериозни статистички грешки, скриен конфликт на интереси и нула докази за видлив ефект.

Суплементите со колаген станаа задолжителен утрински ритуал на социјалните мрежи, но новата научна анализа покажува дека ветувањата за сјајна и затегната кожа немаат реална поддршка во науката. Биостатистичарот Дејвид Роберт Грајмс од Тринити колеџот во Даблин и британската дерматолошка лекарка Анџали Махто ги прегледаа постојните мета-анализи и открија груби пресметковни грешки, недоследности и пристрасност финансирана од козметичката индустрија.

Гледањето ситни брчки во огледалото ги турка луѓето кон прав и течни напитоци со колагенски пептиди уште во дваесеттите години. Сепак, научниот труд објавен во стручното списание „Journal of Cosmetic Dermatology“ покажува дека популарноста на овие производи расте значително побрзо од квалитетот на доказите.

Грајмс и Махто детално анализираа две влијателни мета-анализи од 2021 и 2023 година кои со години служат како главен аргумент за продажба. Во нив пронајдоа погрешно протолкувани статистички параметри. Едната мета-анализа дури прикажала резултат без статистичка значајност како научен доказ за подобрување на еластичноста. Кога авторите ги исправија математичките пресметки, врската меѓу пиењето колаген и хидратацијата на кожата целосно исчезна.

„И покрај растечката популарност на суплементите со хидролизиран колаген против стареење на кожата, сегашните клинички докази се методолошки слаби, недоследни и подложни на пристрасност“, заклучуваат авторите во студијата.

Зад оптимистичните тврдења стојат сериозни методолошки манипулации. Голем дел од прегледаните истражувања директно ги финансирале производителите на суплементи или во нив учествувале автори со комерцијални врски со козметичката индустрија. Примероците биле мали, а профилот на испитаниците премногу шарен за сериозна компарација.

Дневните дози во анализираните трудови варирале од 0,3 до дури 10 грама дневно, што претставува разлика од над триесет пати. Покрај тоа, производителите во напитоците редовно додавале витамин Ц, цинк или хијалуронска киселина. Токму тие додатни состојки можат самостојно да влијаат врз кожата, па невозможно е ефектот да му се припише исклучиво на колагенот.

Ниту самото тестирање не ги задоволува строгите клинички норми. Најголемиот дел од опитите траеле само осум до дванаесет недели. Колагенот има специфичен вкус и густина, па постои сериозен сомнеж дека плацебо контролата била пробиена бидејќи учесниците лесно препознавале дали пијат активна супстанца или обичен раствор.

Хидролизираниот колаген е разложен на помали пептиди за полесно варење во желудникот. Сепак, недостасуваат научни докази на луѓе кои потврдуваат колкав дел од тие сварени аминокиселини навистина стигнува до дермисот за да ја исполни кожата. Желудочната киселина го разградува колагенот исто како и секој друг протеин од храната, без гаранција дека телото ќе го насочи токму кон лицето.

Поради овие факти, авторите сметаат дека препорачувањето колаген како рутинска терапија против стареење во моментов е научно неоправдано.

Тие упатија јавен повик до Британската асоцијација на дерматолози (BAD), Европската академија за дерматологија и венерологија (EADV) и регулаторните тела да донесат јасни насоки со кои на лекарите ќе им се советува да прекинат со препораките за суплементи со колаген сè додека не се појават ригорозни, независни истражувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс