Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која утврдил дискриминација врз индивидуалните земјоделки во системот на задолжително здравствено осигурување. Со одлуката, државата е обврзана да им обезбеди на земјоделките еднакви права на надоместок за бременост, породилно отсуство, боледување и повреда — исти права какви имаат сите останати здравствени осигуреници.
Тужбата ја поднесоа Хелсиншкиот комитет за човекови права и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) против Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, поради системска и продолжена дискриминација.
Проблемот постои со години: иако земјоделките редовно плаќаат здравствено и социјално осигурување, не можат да добијат стандардни исплати за породилно и боледување. Наместо тоа, биле принудени да аплицираат за надоместоци индивидуално, преку програма на Министерството за земјоделство — под услов, меѓу другото, да имаат приход помал од 50.000 денари месечно во домаќинството. Со тужбата се барало измена на Законот за здравствено осигурување, за земјоделките ова право да им следува по закон, а не да аплицираат за него како за субвенција за трактор или крава.
КСЗД претходно утврди индиректна, интерсекциска и продолжена дискриминација врз основа на пол, личен статус и припадност на маргинализирана група, и му препорача на Министерството за здравство да ги промени законските одредби. Бидејќи Министерството не постапи по препораките, случајот заврши пред суд.
Пресудата претставува важна правна победа за речиси 1.050 жени земјоделки во земјата и е чекор кон нивна рамноправна заштита.