Meta Platforms доби делумна правна победа откако Општ суд на Европската Унија ја поништи одлуката на Европска комисија за означување на Facebook Marketplace како „gatekeeper“ според Законот за дигитални пазари (DMA). Судот, со седиште во Луксембург, утврди дека Комисијата не дала доволно јасно образложение за првичната одлука од септември 2023 година, со која Meta беше ставена под посебен регулаторен режим.
Што значи „gatekeeper“ статусот?
Во рамките на Digital Markets Act (DMA), „gatekeeper“ се однесува на големи платформи кои контролираат клучен влез до корисници и бизниси на интернет. Практично, ако мал бизнис мора да користи платформа како Facebook Marketplace за да стигне до клиенти, тогаш таа платформа се смета за „чувар на дигиталната порта“ и подлежи на строги правила за спречување злоупотреба на доминантна позиција.
DMA има за цел да спречи ваквите компании да ја злоупотребуваат својата пазарна моќ, со казни кои можат да достигнат до 10% од глобалниот годишен приход, а во повторени случаи и до 20%.
Судот: грешки во образложението на Комисијата
Судот оцени дека Европската комисија: не ги земала предвид новите промени на Marketplace направени во 2023 година, се потпирала на застарени податоци од претходни години и не направила доволно детална анализа за тоа како платформата функционира по промените. Иако одлуката е поништена, судот не утврди дека Marketplace не е gatekeeper по суштина, туку дека правно-аналитичкиот процес бил недоволен.
Иако пресудата формално претставува удар за Европската комисија, нејзиното влијание е ограничено бидејќи Marketplace веќе беше тргнат од листата во април 2025 година. Meta Platforms веќе ги сменила деловните услови, па Комисијата тогаш заклучила дека платформата повеќе не ги исполнува праговите за „gatekeeper“.
Судот исто така ја потврди „gatekeeper“ позицијата на Messenger, што значи дека Meta останува обврзана да овозможи интероперабилност со други апликации за пораки.
Messenger и потенцијални промени
Со околу 1 милијарда корисници, Messenger останува една од најголемите комуникациски платформи во светот. Статусот на „gatekeeper“ значи дека Meta мора да овозможи поврзување со конкуренти како WhatsApp, Signal и други сервиси, што би можело да овозможи пораки меѓу различни апликации без менување платформа. Meta веќе се соочи со казни според DMA, вклучувајќи и казна од 200 милиони евра во април 2025 година поради моделот „consent or pay“, за кој Комисијата оцени дека не им дава реален избор на корисниците околу користење на нивните податоци.
Во истиот период, казна доби и Apple од 500 милиони евра за одделни прекршувања.
Пресудата остава простор Комисијата повторно да ја процени Meta Marketplace и, доколку се исполнат условите, повторно да го назначи како gatekeeper. Во меѓувреме, случајот отвора прашања за тоа колку цврсто стојат првичните анализи на Брисел и колку се отпорни на правни предизвици од големите технолошки компании.