Судот го закочи спојувањето на Paramount и Warner Bros

Американската судијка привремено ја запре трансакцијата по тужби дека договорот ќе ја намали конкуренцијата во филмската и телевизиската индустрија

Американскиот суд привремено го запре спојувањето на компаниите Paramount Skydance и Warner Bros. Discovery, договор вреден околу 110 милијарди долари, поради тужби дека трансакцијата може да ја наруши конкуренцијата во забавната индустрија.

Федералната судијка Арсели Мартинез-Олгин донесе одлука процесот на преземање да биде одложен до 17 август, со што на Paramount му остави дополнително време да ги подготви аргументите против можно подолго запирање на договорот додека трае судскиот спор.

Спор околу влијанието врз пазарот

Против спојувањето се изјасни коалиција на американски сојузни држави предводена од Калифорнија, која поднесе тужба со барање договорот да биде блокиран. Според тужителите, создавањето на голема медиумска група би можело да ја намали конкуренцијата во филмската и телевизиската индустрија, а негативно би влијаело и врз кината и кабелските оператори.

Своја тужба поднесе и Здружението на сценаристи на Америка (Writers Guild of America), кое предупредува дека спојувањето би можело да ја намали побарувачката за работата на сценаристите.

Paramount предупредува на големи загуби

Судијката претходно го стопираше процесот до 3 август, кога требаше да се одржи рочиште за евентуално подолго одложување на трансакцијата. Од Paramount побараа тридневно рочиште во август за да презентираат докази дека договорот, според нив, всушност ќе ја зајакне конкуренцијата. Компанијата предупреди дека подолга блокада би можела да го загрози целиот договор и да предизвика загуби поголеми од една милијарда долари.

Доколку биде реализирано, спојувањето на Paramount Skydance и Warner Bros. Discovery би создало една од најголемите медиумски компании во светот, со влијание врз филмската продукција, стримингот и телевизискиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс