Судење за пожарот во „Пулс“: Спорни докази и сведоштва на поранешни директори на ДЗС

Обвинителството во судницата откри дека дел од ангажираните редарски сили во дискотеката работеле без соодветна дозвола, додека одбраната жестоко реагираше на обидите за изведување анализи на крв и урина.

Со интензивно изведување на материјални докази од страна на Обвинителството, во импровизираната судница во казнено-поправниот дом „Идризово“ денеска продолжи судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој лани во март животот го загубија 63 лица.

Фокусот на денешното рочиште беше ставен врз работењето на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушнс“, при што обвинителскиот тим презентираше документација со која се тврди дека вработениот Ивица Грозданов воопшто не поседувал лиценца за обезбедување, за разлика од неговите колеги кои биле ангажирани во фаталната ноќ.

На почетокот на расправата изби правна битка откако одбраната на обвинетите Александар Нацев и Јане Јанчевски побара судот да ги отфрли анализите на метаболити во крв и урина како незаконити бидејќи биле земени дури три месеци по трагедијата, на што Обвинителството веднаш реплицираше дека станува збор за уредно обезбеден доказ со наредба на ОЈО Скопје.

Во меѓувреме, сериозни забелешки до судијката Дијана Груевска-Илиевска упатија и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу и Аднан Џаферовски, кои во своите излагања потенцираа дека од изведените материјали не произлегува нивна кривична одговорност за мандатите во периодот од 2012 до 2021 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс