Денес во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува со искази на сведоци на Обвинителството.
Судењето го застапува тим од 15 јавни обвинители и е во доказна постапка со сослушување сведоци, по предлог на самото Обвинителството.
На претходното рочиште исказ даде и Ана Захариева, која кобната вечер била меѓу гостите во „Пулс“. Пред судот сведочеа и Александар Јосифов, кој во периодот од 2017 до 2021 година ја извршувал функцијата главен секретар во Општина Кочани, за време на мандатот на градоначалникот Николчо Илиев, како и Драган Ананиев, вработен во Општина Кочани.
Исто така, беше сослушана одбраната на сопственикот на „Пулс“ и првообвинет Дејан Јованов-Дек, кој побара замена на притворот со куќен притвор поради влошена здравствена состојба.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и остана запаметен како една од најтешките трагедии во поновата македонска историја.