Предметот против 13 полициски службеници и началници од ОВР Кочани и СВР Штип, обвинети за загрозување на општата безбедност во врска со пожарот во кабарето „Пулс“, ќе продолжи на главна расправа. Одлуката беше донесена денеска во Основниот кривичен суд, по завршување на подготвителното рочиште.
На почетокот од рочиштето се расправаше за судијката поротничка Лидија Петровска, за која беше констатирано дека е во роднинска врска со сопругата на еден од обвинетите. Судот, сепак, го одби барањето за нејзино изземање, со образложение дека нема интензивна комуникација со обвинетите.
Одбраната на дел од обвинетите порача дека за нив е спорно целото обвинение и дека не можат да се изјаснуваат само за одделни околности, како времето и местото на настанот. Бранителите укажаа и дека паралелната постапка што се води во Идризово може да претставува сериозна пречка за овој предмет, особено во делот на доказите и фактите што судот ќе ги смета за спорни или неспорни.
Според обвинението, полициските службеници на 16 март биле дежурни, но истовремено биле ангажирани и во објектот. Обвинителството тврди дека, иако биле присутни кога избил пожарот, тие не ја прекинале забавата и не спречиле активирање на пиротехниката, која се смета за непосредна причина за пожарот.
На обвинителната клупа се девет полицајци и четворица началници. Тие се товарат дека во периодот од 14 до 16 март одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали се опфатени сите неопходни проверки и дали се почитувани процедурите за проценка и управување со ризик при полициско постапување.
Главната расправа ќе биде јавна, а на неа ќе се изведуваат предложените материјални и вербални докази. Предметот е дел од поширокиот судски процес поврзан со пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.