Пиењето кафе може да има позитивно влијание врз расположението, когнитивните функции и дури и здравјето на цревата и тоа не само кога содржи кофеин, покажува ново научно истражување. Студијата, спроведена од истражувачи од Ирска, при Универзитетскиот колеџ Корк (University College Cork), споредувала ефекти кај луѓе кои редовно пијат кафе и оние кои не консумираат кафе, како и влијанието на кофеинско и безкофеинско кафе.
Како е спроведено истражувањето
Во истражувањето учествувале 62 испитаници половина редовни конзументи на кафе, а половина кои не пијат кафе. Истражувачите првично не утврдиле значајни разлики меѓу двете групи во однос на стрес, сон, расположение или физичка активност. Потоа, дел од учесниците престанале да пијат кафе две недели, по што повторно започнале со консумација дел добивале кофеинско, а дел безкофеинско кафе, без да знаат која варијанта ја пијат.
Влијание врз мозокот и телото
Резултатите покажале дека и двата вида кафе имаат позитивен ефект врз некои аспекти на здравјето: намалување на стрес и депресивни симптоми, подобрување на расположението, позитивни промени во цревниот микробиом и подобрување на одредени когнитивни функции.
Сепак, постојат и разлики.
Кафето со кофеин било поврзано со намалување на анксиозност, подобра концентрација и понизок крвен притисок.
Од друга страна, безкофеинското кафе покажало подобрување на спиењето, меморијата и физичката активност.
Кафето и „оска црево–мозок“
Истражувачите нагласуваат дека кафето не делува само преку кофеинот, туку преку сложено дејство врз цревните бактерии, метаболизмот и мозочните функции. Според микробиологот Џон Криан од University College Cork, кафето е „многу повеќе од кофеин“ и може да влијае на менталното и физичкото здравје преку повеќе механизми. Иако резултатите се охрабрувачки, научниците предупредуваат дека дел од податоците се базирани на субјективни чувства на учесниците, што не секогаш одразува целосно објективна слика.
Сепак, анализата на цревниот микробиом дава дополнителна тежина на наодите и укажува на реална биолошка поврзаност меѓу кафето и здравјето.
Истражувањето, објавено во научното списание Nature Communications, сугерира дека и кофеинското и безкофеинското кафе можат да имаат различни, но комплементарни здравствени ефекти.
Научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за целосно разбирање на врската меѓу кафето, цревата и мозокот, но досегашните резултати укажуваат дека овој омилен напиток може да има пошироко влијание врз телото и умот отколку што се мислело досега.