Србија победи. Навистина победи.
Неколку години градев негативен став кон Србија и нејзиното влијание врз Македонија, почнувајќи од деминутивот „Македонче“, преку тоа дека никогаш не разбираат што зборуваме, дури и кога се обидуваме да зборуваме побавно, па сè до реалните шоуа како „Велики брат“, „Фарма“ и целата турбофолк идеологија. Просто презирав речиси сè што увезувавме од Србија.
Дел од мојот презир се претвори во цинизам кога започнаа студентските протести: „Нема да успее директната демократија“, „Џабе е сè“, „Немаат опозиција“, „Премногу е моќен“, „Нема да издржат“, „Мора да најдат поддршка однадвор“, „Премногу се млади за да успеат сами“. На секој мој циничен коментар, студентите упорно ми го докажуваа спротивното. Цинизмот стана надеж, надежта инспирација, а инспирацијата причина да го напишам овој текст. Дури и на денот на изборите во главата развив десет сценарија, а во ниту едно немаше мирно признавање на поразот и прифаќање на изборниот резултат.
Сакам да им се извинам на студентите. Простете што грешев. Верувам дека по вас ќе се испишуваат нови страници на политичката теорија и засекогаш ќе ви бидам благодарен што станавте главните извозници на надеж на Балканот.
Уште пред да завршат прославите, почнаа и споредбите со Македонија. Ќе им се случи ли истото што ни се случи нам? Ќе ја преземе ли некој центар на моќ победата? Ќе се претвори ли надежта во уште едно разочарување?
Нема зошто да бидеме песимистични околу тоа дали ќе им се случи Шарената револуција. Не доаѓа да владее системска партија како СДСМ кај нас, туку доаѓа листа што студентите пленумски ја одбраа, составена од професори, лекари, уметници, активисти и експерти од различни полиња, кои ја добија задачата да ја расклопат и изградат Србија одново.
Ниеден избраник не смее од удобноста на својата фотелја да го заборави трнливиот пат до историската победа. Убеден сум дека студентското движење ќе остане извор на нивниот политички легитимитет, ќе ја следи нивната работа и ќе ги коригира нивните постапки. Во Македонија беше поинаку. Затоа споредбите ги сметам за беспредметни.

Во дослух со своите француски колеги од 1968 година, беа реални и го бараа невозможното. Допрва ќе има многу да учиме од нив. Како се држи под контрола политичката амбиција на поединецот? Како се препознаваат провокаторите и се спречуваат обидите за разбивање на движењето? Како се гради и одржува довербата меѓу луѓе кои не мора секогаш да се согласуваат? Како се финансира вакво движење? Како се издржува четиринаесетчасовна дискусија за едно прашање? Како се наоѓа трпение да се сослуша сечиј аргумент, па дури потоа да се донесе заедничка одлука? Како изгледа демократијата кога треба да се практикува секојдневно, со сите нејзини несогласувања, компромиси и долги расправи?
Директната демократија или хоризонталата што овозможи масовно организирање ќе треба да се сретне со длабоко корумпираните, клиентелистички институции и јавна администрација. Ќе биде интересно да видиме како ќе се справат со сето тоа, бидејќи од систем што е скроен по мерка на еден човек треба да се создаде систем по сечија мерка, мерит систем.
Тоа нас не ни успеа
Македонските студенти во 2014 година го жртвуваа своето образование и одржаа час по демократија на целата држава. Го разбија стравот и му пркосеа на режимот на Никола Груевски. Тие ги создадоа условите за падот на една власт, а возрасните ја добија можноста да ја продолжат промената.
Од нашето искуство извлековме болна лекција: победата не значи промена. Победата над една власт не значи и победа над системот на навики што ја одржувал. Во Македонија се сменија политичките актери, но клиентелизмот продолжи да живее, новата партиска пешадија го презеде местото на старата, а голем дел од граѓанскиот сектор постепено влезе во период на активистичко прегорување. Се промени политичката атмосфера, имаше повеќе медиумска слобода, но за сите нас изостана суштинската преобразба што ја очекувавме. Корупцијата што некогаш се затскриваше со знамето од Вергина, почна да се крие со знамето на Европската Унија.

Денешните млади во Македонија растат со сознанието дека жртвата на претходната генерација на терен не донесе речиси ништо. Возрасните што требаше да го изградат општеството, да го променат животот и да создадат повеќе просторитет, им оставија сурова сегашност за живеење. И згора на сè, истите тие возрасни сега им држат лекции: „Каде сте?“, „Гледате ли што се случува во регионот?“, „Зошто сте толку апатични?“, „Ништо не праиме со такви ко вас“, „Греота сте!“. Јас одбивам да се приклучам на овие критики, бидејќи смачено ми е да го слушам југосапиенсот како одново и одново успева да се ослободи од сопствената одговорност, префрлајќи ја вината на некој друг. Ако може да бидат виновни младите, супер, ако може децата, уште подобро. Само тој никако да дојде на ред. (Југосапиенс: личност родена во Југославија.) За среќа, не е сè така сиво.
Во 2025 година се појави „Кој е следен?“, движење создадено од млади луѓе. Се протестираше во Скопје и во други градови. Во отсуство на силна политичка опозиција, движењето стана еден од најгласните носители на јавниот револт. Движењето кое бараше промена на системот стана главна мета на владината пропаганда. Активистите беа заплашувани, напаѓани, бркани од работа и претставувани како некрофили. Сите овие методи успеаја да го загушат движењето. „Кој е следен?“ се обиде да го совлада Голијат, но чаталот не беше доволно стегнат.

Во меѓувреме се појави и „Стоп за Усје“, движење кое од ден на ден расте и сега се подготвува да влезе во нова етапа на протести и конкретни барања за справување со аерозагадувањето. Во овие иницијативи има студенти, има луѓе што учат како функционираат институциите, како се врши притисок, како се гради поддршка и како се продолжува по првото разочарување.
Затоа кога некој ќе ми каже дека младите ги нема никаде, ми доаѓа да го прашам каде ги бара. Дали очекува сите да се појават во ист ден на ист плоштад, да имаат еден лидер и едно барање, па дури тогаш да им го признае постоењето? Се организираат луѓе и надвор од камерите, се создаваат пријателства, иницијативи, мали фронтови, некои пропаѓаат, други продолжуваат, трети уште не знаат во што ќе прераснат.
Па и Србија не се разбуди едно утро со студентски пленуми и два милиона гласа. Пред нив постоеја „Не давимо Београд“, „Србија против насиља“ и многу други движења, организации и протести. Со години се тапкаше теренот. Луѓе се запознаваа, се поврзуваа, се разочаруваа, па повторно излегуваа на улица. Некои од тие борби не дадоа резултати какви што посакуваа, но оставија луѓе што знаат да организираат, да разговараат и да веруваат едни на други. Сега гледаме колку е важно што не престанале.
Инспириран од Србија, си дозволувам да верувам дека и следната генерација македонски народобудци веќе е меѓу нас. Дел од нив можеби биле на протестите за Кочани, други се борат за почист воздух, трети прават музика, организираат културни настани или се обидуваат да променат нешто во своето училиште или факултет. Не знам дали тие луѓе некогаш ќе се најдат на ист плоштад, ниту дали воопшто имаат потреба од заеднички непријател за да станат заедница. Мене ми е важно што постојат, што нешто прават и што можеби сега учат работи што еден ден ќе им бидат потребни.
Револуцијата никогаш не била грандиозен настан што се случува преку ноќ. Таа се создава низ стотици мали изблици на револт, низ протести, разговори, разочарувања и повторни обиди, низ луѓе што одбиваат да се помират со неправдата и тогаш кога изгледа дека ништо не можат да променат. Секој таков обид остава нешто зад себе, создава нови врски, ја зацврстува солидарноста и ги полни срцата на идеалистите со надеж, љубов и трпение дека можеби во своето време ќе дочекаат и нивниот „vucic da ode“
Колку и да изгледа недопирлива, секоја власт што опстојува врз страв и контрола мора секојдневно да вложува огромен напор за да ја одржи својата моќ. Потребни ѝ се послушност, поделби и луѓе убедени дека промената е невозможна. Затоа секој чин на непокор, колку и да изгледа мал, ѝ создава нова пукнатина. Никој не знае кој протест ќе биде пресуден, која неправда ќе ја прелее чашата или кој навидум безначаен обид ќе успее да ги поврзе сите оние што со години се бореле одделно. Можеби нема да се случи во нашето време, можеби ќе треба да поминат уште многу години, но еден ден сите тие мали изблици ќе се соединат во нешто што ниту една власт нема да може да го задржи. Еден ден ќе ги победиме. А дотогаш, пумпај!
Авторот е активист

