Студентската листа со важно соопштение: „Никој што работел чесно и законски нема да биде отпуштен“

Од листата порачуваат дека одговорност ќе има за оние што го прекршиле законот и ги присвоиле парите на граѓаните. Претходно, на прес-конференција во Белград, говореле и за банкарскиот систем, енергетската безбедност и управувањето со јавните ресурси.

Студентската листа се огласи на својот профил на социјалната мрежа Икс, „Студенти во блокада“, со порака дека вработените во јавните институции и претпријатија кои работеле чесно и во согласност со законот нема да ги загубат работните места.

„Секој што чесно и законски ја вршел својата работа во јавните институции и претпријатија нема да биде отпуштен“, се наведува во објавата.

Од листата додаваат дека оние што го прекршиле законот и ги украле парите што им припаѓаат на граѓаните на Србија ќе одговараат согласно законите.

Енергетската безбедност во фокусот на прес-конференцијата

Претходно денеска во Белград се одржа прес-конференција на Студентската листа, на која нејзините претставници зборуваа за три клучни теми: банкарскиот систем, енергетската безбедност и управувањето со јавните ресурси.

Посебен акцент беше ставен на енергетската стабилност пред зимата и работењето на Електростопанството на Србија. Претставниците на листата ги повикаа министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и раководството на претпријатието јавно да ја соопштат вистината за состојбата на електроенергетскиот систем.

„Секој домаќин знае дека дрвата не се обезбедуваат во јануари, туку во лето. Струјата мора да се обезбеди однапред“, порачаа претставниците на Студентската листа, барајќи повеќе информации за подготвеноста на системот.


Во врска со Нафтената индустрија на Србија, беше нагласено дека таа останува „жила куцавица“ на српската економија. Претставниците побараа увид во сите договори со руските партнери и јасни гаранции за продолжување на работата на Рафинеријата во Панчево. Тие, исто така, се заложија за воспоставување комуникација со американските институции, со цел да се обезбеди стратешка сигурност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс