Викендот носи стабилно и претежно сончево време, но температурната разлика меѓу утрото и попладнето ќе биде значителна. Според прогнозата на УХМР, во сабота, 3 октомври, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер. Утрото ќе биде студено, а температурите во некои места ќе се спуштат и под нулата. Во текот на денот, сепак, ќе следува затоплување.
Во Скопје се очекува сончево време, со минимална температура околу 7 степени и максимална околу 23 степени. Недела, 4 октомври, ќе биде уште потопла. Во Скопје прогнозите покажуваат сончево време и максимална температура од околу 25 степени, додека утринската температура ќе биде околу 6 степени. И на ниво на целата земја се очекува стабилно време со сончеви и релативно топли денови, но ноќите и утрата ќе останат ведри и студени.
Според најавите, ваквото стабилно време ќе продолжи и во првите денови од следната недела, со постепен пораст на дневните температури. Промена на времето со зголемена облачност и можност за врнежи се очекува кон средината на следната недела. Затоа, ако викендов планирате прошетка или патување, сметајте на ладно утро – но многу попријатно и топло попладне.