За помалку од една недела, директорот на Националната галерија беше разрешен по инспекциски наоди и нереализирана програма, а директорот на НУ Историски музеј Крушево поднесе оставка по скандалот со снимањето во Македониумот. Двата случаи се различни, но отвораат исто прашање: ако толку брзо ја изгубија функцијата, по кои критериуми воопшто ја добија? И дали овој тренд на проверка на квалификуваноста post festum, откако штетата веќе е направена, ќе продолжи без сериозно преиспитување на начинот на управување со националните културни установи?
Кај Националната галерија, проблемите не почнаа со инспекцискиот надзор. Уште претходно, високо квалификувани културни работници и луѓе со долгогодишно искуство во самата институција јавно реагираа на начинот на кој се спроведува програмата и на критериумите според кои се гради нејзиниот изложбен профил. Забелешките не се однесуваа само на една изложба или еден автор, туку на поширокото прашање дали Националната галерија го задржува професионалниот и кураторскиот стандард што треба да го има институција со такво реноме.

Подоцна следуваше и вонреден инспекциски надзор, по кој директорот беше разрешен поради утврдени неправилности во работењето и нереализирање на дел од годишната програма. Тоа се различни нивоа на одговорност, стручно и институционално, но заедно го отвораат прашањето дали проблемите биле видливи многу порано од моментот кога системот формално реагирал.
Во Крушево, случајот беше поинаков, но дилемата слична. Снимањето комерцијален музички спот во Македониумот предизвика реакции токму затоа што станува збор за објект со исклучителна историска, архитектонска и симболичка вредност. По јавните реакции и прашањата околу потребните дозволи, директорот на НУ Историски музеј Крушево поднесе оставка, иако тврдеше дека не прекршил закон или интерен акт.

Одлуката за изнајмувањето не била само негова. Управниот одбор ја одобрил употребата на просторот, а по скандалот оставка поднесе и Управниот одбор. Токму затоа случајот во Крушево тешко може да се сведе само на погрешна проценка на еден човек.
Двата случаи не се исти и не треба да се изедначуваат. Но и во двата, прашањето за професионалната проценка и разбирањето на институцијата што се раководи стана видливо дури откако настанаа сериозни јавни контроверзии.
Токму затоа прашањето повеќе не е само зошто двајца директори заминаа. Прашањето е како воопшто биле избрани.
На хартија, постапката изгледа стручна и уредена. Кандидатите треба да исполнат законски услови, да приложат биографија и програма за работа, а комисија ја разгледува документацијата. Но кога повеќе кандидати ќе го поминат тој формален праг, конечната одлука останува кај политички избраниот министер.
Токму при изборот на директор на Националната галерија, тогашниот министер Зоран Љутков јавно негираше дека станува збор за политички договор со Вреди, партија од коалицијата ВЛЕН. Според неговото објаснување, сите четворица кандидати ги исполнувале условите, тројца имале иста „копипејст“ програма, а Синани бил избран затоа што неговата визија за Галеријата се совпаѓала со визијата на министерот. Одлуката, рече, ја донел тој.

И токму тука формалната процедура завршува, а почнува нејзиното политичко читање.
Законот може да провери дали кандидатот има диплома, потребен стаж и документација. Комисијата може да утврди дали ги исполнува условите. Но ако неколку кандидати го исполнуваат законскиот минимум, кој утврдува кој од нив има професионална тежина, знаење за институцијата, менаџерски капацитет и разбирање на нејзиното реноме?
Кога три од четири програми се, според самиот министер, „копипејст“, а сите кандидати сепак ги исполнуваат формалните услови, се отвора прашањето колку тие услови навистина умеат да го измерат квалитетот на кандидатот.
Во систем во кој партиите очигледно имаат збор при распределбата на функциите, тоа прашање станува уште поважно. Политичката препорака сама по себе не е доказ дека некој е неквалификуван. Но таа не смее да биде замена за професионална селекција.
Случајот во Крушево дополнително го отвора истото прашање. Миха Оџаклиески не беше само директор на музејска институција, туку и политички активен кадар на ЗНАМ и кандидат на партиска листа. Тоа, повторно, не го дисквалификува автоматски за функцијата. Но тогаш јавноста има право да знае што, покрај политичката доверба, го квалификувало да управува со институција што го чува Македониумот.
Оттука вистинското прашање не е дали партиите предлагаат свои луѓе. Очигледно е дека политиката има улога во изборот.
Прашањето е дали партискиот филтер доаѓа по професионалниот, или професионалниот критериум се сведува на законски минимум откако политичкиот избор веќе е направен.
Партиите што ги именуваат овие директори не се паднати од Марс. Тие се производ на истото општество и на критериумите што тоа ги толерира.
Токму затоа состојбата во културата не е само кадровски проблем, туку огледало на тоа што како општество го сметаме за доволно добро.
Инаку ризикуваме идентитетот да го браниме како националистичка парола, а културата преку која тој навистина се создава да ја оставиме на кадровска импровизација.