Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струга против физичкото лице С.З. и неговата фирма за даночно затајување. Пријавениот е осомничен дека го оштетил буџетот за 8.070.791 денари преку непријавување даночни обврски и присвојување трговска стока.
Според наодите на истражителите, првопријавениот С.З., во својство на сопственик и управител на правното лице, неосновано присвоил трговска стока евидентирана како залиха. Вкупната вредност на оваа стока изнесува 26.085.138 денари.
Притоа, за оваа стока не биле пресметани, пријавени ниту платени даночните обврски за данок на додадена вредност по стапки од 18 и 5 проценти, како и соодветниот данок на личен доход.
Истрагата покажа дека осомничениот ги прекршил законските одредби и при евидентирањето на застарените обврски. Тој не ги пријавил како приход застарените и ненамирени обврски во износ од 8.120.980 денари, со што дополнително ја избегнал даночната обврска.
Покрај ова, за 2025 година фирмата воопшто не поднесла даночен биланс. Со тоа не бил пресметан ниту уплатен данокот на добивка во износ од 812.098 денари, со што вкупната штета по државниот буџет достигна над осум милиони денари.