Најмалку четири лица загинаа, а околу 120 се повредени во тешка железничка несреќа што се случила денес во близина на Каиро, во Египет. Четири вагони од патнички воз излетале од шините по судир со друг воз во близина на селото Герза, во областа Ал-Ајат, во провинцијата Гиза. Меѓу загинатите е и машиновозачот, објави „Ал Арабија“. По несреќата на местото биле испратени 50 возила на брза помош, екипи на цивилната заштита и безбедносни сили, пренесува „Галф њуз“.
Повредените биле пренесени во блиските болници во гувернаторатот Бени Суеф, додека здравствените установи во Гиза биле ставени во состојба на подготвеност за прием на настраданите.
Истрага за причините за несреќата
Министерството за здравство првично испратило 20 возила на брза помош, но бројот бил зголемен на 50 откако станало јасно дека има повеќе повредени од првичните проценки. Некои египетски медиуми објавиле дека бројот на повредени надминува 150 лица, но официјалната бројка наведена во првичните извештаи е околу 120.
На местото на несреќата биле ангажирани и кранови за отстранување на вагоните што излетале од шините и расчистување на пругата. Египетското јавно обвинителство започнало истрага за причините и околностите на несреќата. На полицијата ѝ е наложено да ги преземе потребните дејствија, вклучително и да ги испраша сведоците и повредените патници.
Причините за судирот сè уште не се утврдени, а железничкиот сообраќај во погодениот регион е во прекин.
