„Стрип Трип“ го носи светот на деветтата уметност во МКЦ

Од 5 до 7 јуни, МКЦ ќе биде домаќин на четвртото издание на „Стрип Трип“, со Бобан Пешов како главен гостин, изложби, промоции, работилници, цртачки сесии и програма посветена на македонската и регионалната стрип-сцена.

Од 5 до 7 јуни, Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде домаќин на четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“.

Годинешното издание носи богата програма со изложби, промоции, панели, мастерклас, работилница, цртачки сесии, берза на стрипови, друштвени игри, поткаст во живо и диџеј сетови.

Главен гостин на „Стрип Трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C’era una volta l’Est“, односно „Беше еднаш на Истокот“. На фестивалот, Пешов ќе го промовира македонското издание на делото, а ќе се претстави и со изложба и цртачка сесија.

„Беше еднаш на Истокот“ е графички роман што веќе привлече внимание на италијанската стрип-сцена. Делото е добитник и номинирано за повеќе признанија, меѓу кои „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон.

Специјален гостин на фестивалот е и Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“.

Во меѓународната програма учествуваат и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.

Македонската стрип-сцена ќе ја претстават Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски.

Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“, како признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.

Програмата вклучува три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсите, промоции на нови домашни и регионални стрип-изданија, панели, презентации, мастерклас и работилница за стрип, цртачка „џем“ сесија, берза на стрипови, друштвени игри и поткаст во живо.

Ко-организатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“. Поддржувачи на македонската стрип-сцена вклучени во фестивалот се „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.

Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар, а спонзор на настанот е Скопско Смут.

е-Трн да боцка во твојот инбокс