Стравувањата од поширока војна ги потресоа берзите: Азиските пазари во минус, нафтата близу 100 долари

Азиските берзи забележаа пад поради ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран, додека цените на нафтата се искачија блиску до 100 долари за барел. Инвеститорите стравуваат од нов бран инфлација и енергетски шок.

Азиско-пацифичките берзи забележаа пад во четвртокот, следејќи ги загубите на Волстрит, додека растечките тензии меѓу САД и Иран продолжуваат да ја одржуваат неизвесноста на глобалните пазари. Во фокусот на инвеститорите повторно се најдоа цените на енергенсите и можните последици врз инфлацијата и економскиот раст.

Загриженоста дополнително се засили по нападот врз Меѓународниот аеродром во Кувајт, за кој се обвинува Иран. Инцидентот се случи само еден ден откако американската Централна команда соопшти дека пресретнала ирански балистички ракети и беспилотни летала и извела, како што наведе, „самоодбранбени напади“ врз островот Кешм во Персискиот Залив. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за CNBC изјави дека и Израел и САД остануваат подготвени за нови воени акции доколку тоа биде потребно.

„Израел е подготвен, а подготвени се и американските сили. Мислам дека Иран треба сериозно да го сфати тоа. Верувам дека го сфаќаат, но се играат со оган“, изјави Нетанјаху.

Геополитичката неизвесност веднаш се одрази врз нафтениот пазар. Американската сурова нафта WTI во средата порасна за повеќе од два проценти и достигна цена од 96,02 долари за барел. Истовремено, северноморската нафта Брент поскапе за речиси два проценти и се тргуваше по 97,81 долари за барел. Во утринските часови во четвртокот цените благо се коригираа надолу за околу еден процент, но останаа на високи нивоа.

На берзите, најголемите азиски индекси завршија во негативна територија. Јужнокорејскиот индекс KOSPI падна за 1,24 проценти, додека индексот KOSDAQ, кој ги следи компаниите со помала пазарна капитализација, порасна за 2,61 процент по продолжувањето на тргувањето по празничната пауза. Аналитичарите предупредуваат дека секое натамошно влошување на ситуацијата на Блискиот Исток може дополнително да ги зголеми цените на енергенсите, што би создало нов притисок врз инфлацијата и глобалната економија. Во такви услови, инвеститорите остануваат претпазливи, а финансиските пазари чувствителни на секоја нова информација поврзана со конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс